четврток, јули 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Никој не сака да ја помине црвената линија за гласањето на дијаспората

Никој не сака да ја помине црвената линија за гласањето на дијаспората

1

НЕ ЗАПИРААТ ПАРТИСКИТЕ ПРЕПУКУВАЊА

Крајно спротивставените и непопустливи ставови меѓу партиите од власта и опозицијата сè повеќе ги намалуваат шансите во македонското Собрание да се донесе ново изборно законодавство кое би се применувало на претстојните избори. Премиерот и лидер на владејачката партија, Христијан Мицкоски, и денеска излезе со понуда до опозициските СДСМ и Левица да се согласат со предлогот на претседателските избори во 2029 година електронски да гласаат и иселениците, но тоа не се прифаќа. За време на престојот во Неготино, тој повторно кажа дека сите други предлози на опозицијата ќе бидат прифатени какви што ќе бидат предложени, но под услов да се согласат со гласањето на сонародниците надвор од нашите граници.

– Нашата порака беше јасна: Кажете сè, сè ќе прифатиме, но наша црвена линија е гласањето на дијаспората бидејќи дијаспората мора да се чувствува поврзана со својата татковина. Наша цел како Влада е еден ден таа дијаспора да си ја вратиме дома. Се надевам, конечно коалицијата СДСМ – Левица ќе се осмели, ќе ги остави своите политички мотиви, ќе се врати во Парламентот, сè уште има време да ја испорачаме и оваа реформа. Јас сум убеден дека политичките интереси ќе ги остават настрана и како приоритет ќе ги стават националните интереси – рече премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека СДСМ во коалиција со Левица поднесе 13 илјади амандмани со цел да го спречи гласањето на нашинците во дијаспората. Според него, текстот на Изборниот законик бил усогласуван со месеци, но Левица во последен момент одбила да го потпише предлогот, и покрај тоа што биле прифатени сите нивни барања.

Од СДСМ, на ова одговорија со обвинение дека Мицкоски панира да направи изборен грабеж.

Мицкоски сега сака да протне и Изборен законик кој отвора простор за нов изборен грабеж. Сака да се воведе електронско гласање на дијаспората без соодветни механизми за контрола, проверка и гаранција за тајноста на гласањето. Додека секој граѓанин што гласа во татковината минува низ строга процедура – проверка на личен документ, потпис во избирачкиот список и идентификација со отпечаток од прст, Мицкоски сака за околу 200.000 потенцијални гласачи во дијаспората да нема исти правила и да нема никаква контрола – изјави Јованка Тренчевска, партиската потпретседателка.

Таа рече дека нема никаква причина ова решение да се носи набрзина. – Предвидено е да почне да се применува дури од 2029 година. Имаше доволно време Владата да го повлече предлогот, да отвори вистинска јавна дебата и да обезбеди политички консензус за изборни правила што ќе имаат доверба кај сите. Но, власта го одби и тој разумен предлог – нагласи Тренчевска.

И од Левица, денеска, обвинија дека власта се обиде Изборниот законик да го протне без вистински политички консензус. Според Левица, целта е Изборниот законик да „падне“ околу прашањето за дијаспората, за да остане дискриминирачката одредба за платеното политичко рекламирање, од која е оштетена само таа како партија.

– Наместо правила еднакви за сите и подобрување на изборниот модел и процес, ДПМНЕ турка Изборен законик скроен според интересите на големите политички партии. Со 3.500 амандмани, Левица се спротивставува на овој обид изборниот процес дополнително да се изврти во корист на власта. Кога не можат да ја победат единствената вистинска опозиција политички, се обидуваат да ја ограничат законски – реагираат од Левица. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ