На 15.144 тутунопроизводители вчера им беа исплатени 2.028.714.243 денари субвенции за произведениот и предаден тутун од реколтата во 2025 година, соопшти Министерството за финансии.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека средствата веќе се префрлени на сметките на тутунарите што ги исполниле условите за добивање на поддршката.
– Како што кажав, веќе се исплатени нешто повеќе од две милијарди денари субвенции кон тутунарите. Повеќе од 15 илјади тутунари што ги исполниле условите за да ги добијат овие субвенции, веќе имаат пари на своите сметки – рече Мицкоски.
Според премиерот, со оваа исплата Владата за две години исплатила околу 15 милијарди денари по основ на директни плаќања и мерки од Програмата за поддршка на руралниот развој.
Тој направи споредба со претходната власт, посочувајќи дека во периодот од 2021 до 2023 година биле исплатени нешто помалку од 14 милијарди денари, додека актуелната Влада за две години исплатила една милијарда денари повеќе.
– Тоа се бројки, тоа се факти. За две години се исплатени 15 милијарди денари, вклучително и долговите од 2021 година, додека претходната Влада за три години исплатила помалку од 14 милијарди денари – изјави Мицкоски.
Исплатата на субвенциите доаѓа по повеќемесечни најави и одложувања, што предизвика незадоволство и недоверба кај тутунарите. Во изминатите два и пол месеци, од Платежната агенција во неколку наврати беше најавувано дека ќе бидат исплатени средствата, најпрво во април, потоа во мај, а подоцна и во првата недела од јуни.
Дополнителна неизвесност создаде и последната изјава на претседателот на Сојузот на тутунари, Кире Ристевски, кој соопшти дека повторно се пролонгира исплатата за 10 до 15 дена. Тоа предизвика бројни реакции меѓу тутунопроизводителите, кои на социјалните мрежи јавно прашуваа дали, конечно, ќе ги добијат ветените средства.
„Дали може да му се верува на Мицкоски?“, „Кажете премиере, колку ќе биде исплатата: 100 денари или 80 денари за килограм предаден тутун?“ и „Додека не видиме пари на сметка, нема да веруваме“, беа дел од коментарите на земјоделците. Многумина меѓусебно се информираа и прашуваа дали некој веќе добил средства на својата сметка.
Премиерот истакна дека кога ја презела Владата функцијата во 2024 година, се исплаќале заостанати субвенции уште од 2021 година, додека сега, како што рече, за неполни две години се исплаќаат тековните субвенции за реколтата од 2025 година.












