Еколошката организација „О2 иницијатива“ реагира за состојбата со плажите крај Охридското Езеро. Велат дека оние што ги зеле под концесија плажите во Охрид, не ги почитуваат ниту препораките на УНЕСКО ниту договорите за закуп.
Од „О2 иницијатива“ се обратиле и до општинарите за овој проблем, но оттаму добиле одговор дека локалната самоуправа нема склучено договори за закуп и нема издадено плажи на концесионери на езерото.
– Општината нема склучено договори за закуп и нема издадено плажи на концесии, а лежалки ги окупираат плажите! Дива лига! – велат од „О2 Иницијатива“.
Пред една недела, тие посочија дека 50 % од просторот треба да биде оставен слободен, без лежалки и друга опрема.
– Канео и Потпеш се лежалка до лежалка, со бетонирани ѕитчиња и слично – потенцираат од „О2 иницијатива“, нагласувајќи дека ниту инспекцијата постапува ниту, пак, има реакција од градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Притоа, додаваат дека европските земји стриктно го спроведуваат законот. Така, во Португалија 70 % од плажата мора да е оставена слободна, а, исто така, и 50 % од нејзината должина. Во Грција, пак, 50 и 70 отсто во натура- подрачјата од плажата треба да се слободни и 4 метри од брегот мора да е слободен без лежалки, плажи потесни од 4 метри и помали од 150 квадратни метри не може да се изнајмуваат.
– Кај нас, во единственото сѐ уште УНЕСКО заштитено светско наследство, едно од само 38. во светот, се тера дива лига, без правила и осет за заштита на природното и на културно наследство – потенцираат од „О2 иницијатива“.












