понеделник, август 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Дебрани да ја користат водата одговорно и за неопходни потреби

Дебрани да ја користат водата одговорно и за неопходни потреби

7

Јавното комунално претпријатие „Стандард“ упати апел до дебрани да ја користат водата одговорно и исклучиво за неопходни потреби.

– Свесни сме дека во изминатите денови и недели голем број жители во неколку населби од градот се соочуваа со недостиг на вода за пиење. Целосно ги разбираме незадоволството и тешкотиите што ги предизвикува оваа состојба, но сите заедно треба да помогнеме во оваа ситуација. На први јули воведовме четиричасовна, а потоа и петчасовна рестрикција, во населбите Венец 1, Венец 2, Тараник и Ќернаница, но проблемот станува сè посериозен, бидејќи во делови од градот и по повеќе часови нема вода, особено на повисоките катови од станбените згради – велат од претпријатието.

Оттаму ги замолуваат граѓаните да не ја користат водата за наводнување градини, за полнење базени, за миење дворови и тротоари.

– Секоја друга употреба што не е од суштинска потреба се смета за злоупотреба, а заштеден литар вода помага повеќе семејства да имаат пристап до вода за пиење во овој период – нагласуваат од ЈКП „Стандард“.

Освен во градот, има рестрикција и во Долно Косоврасти, каде што се наоѓа и бањскиот локалитет, и тоа од 10:00 до 13:00 часот.

Претпријатието стопанисува со водоводот Росоки – Дебар, кој црпи вода од изворите во селото Росоки, Мала Река и е една од најквалитетните во Европа.

Според  надлежните, во главниот резервоар пристигнува вода за над 40 илјади жители, градот нема повеќе од 10 илјади, и дополнително неколку илјади,  од крајот на јули до средината на август, кога доаѓаат иселениците. За жал, констатираат дека години по ред, во летниот период се воведуваат рестрикции поради злоупотреба на водата, дополнително голем број потрошувачи не ги намируваат сметките, а има и диви приклучоци.

 

ИЗДВОЕНИ