Додека 3.000 работници во културата ги чекаа своите мартовски плати кои доцнеа заради усогласување на пресметките, а кои требаа да бидат исплатени до вчера, во 16 часот, министерот за култура и туризам Зоран Љутков посочува дека новата пресметка на плати е најправилно решение, бидејќи досегашниот начин на исплата бил неодржлив. Од Синдикатот на културните работници,  пак, велат дека засега нема да продолжат со протести и ќе ја чекаат платата, а потоа ќе преземат понатамошни чекори во зависност од тоа на кој начин била направена пресметката.

Според Љутков не било пријатно вработените во културата да се остават без плати за време на празниците и за тоа им се извинил, но, посочи дека, „тоа еднаш мораше да се реши“. Новата пресметка на платите вели, е усогласена со Министерството за финансии и со двата колективни договора – општиот и посебниот.

„Досега секое исплаќање било незаконско зашто немало согласност од Министерството за финансии за колективен договор и тоа значи дека треба сами да си ги обезбедувате средствата од внатре. И секогаш растеле платите, се намалувала продукцијата, немало средства за капитални, ни за обични инвестиции ќе нема и на тој начин ќе дојдеме до ситуација да нема ни за плати. Сега, на овој начин на кој ќе ги исплатиме платите, конечно се решава четиригодишниот проблем, рече Љутков, во гостувањето во ТВ Сител.

Тој посочи дека околу 6 отсто ќе биде во просек зголемувањето на платите кај сите вработени и дека процентот ќе биде согласно двата колективни договора. Како што рече Љутков, неодржливо е дури 81 отсто од буџетот да оди за плати, а 19 отсто за програми.

Од СКРМ, пак, за весникот ВЕЧЕР велат дека се дадени насоки за исплата на плати, па откако ќе ги добијат, тие како синдикат ќе преземат понатамошни чекори. Според претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, дополнително ќе биде одлучено дали ќе ги обжалат донесените решенија за начинот на пресметка на платите, или ќе се поведат судски спорови… Ваквиот начин на пресметка кој беше посочен од Министерот вели таа, не им одговара, бидејќи „не била во согласност со општиот колективен договор за јавниот сектор“. (Д.Т.)  

 

ИЗДВОЕНИ