понеделник, ноември 2, 2026
Дома БАЛКАН Приоритети на новата српска влада: Стабилен курс на динарот, редовни плати и...

Приоритети на новата српска влада: Стабилен курс на динарот, редовни плати и пензии и обезбедување енергија, па декриминализација на државата

0
EPA/ANDREJ CUKIC

Движечкиот мотив на новата власт во Србија може да се сумира во три збора: борба за слобода, вистина и правда, наведува во интервју за НИН Радомир Саичиќ, редовен професор на факултетот за хемија во Белград, доктор на науки и редовен член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ), кој застана на страната на студентското движење. Според него, клучна задача на новата влада е да воспостави здрав систем на вредности преку ослободување на судството и медиумите, кои со години страдаат од корупција и говор на омраза.

Коментирајќи ги различноста во рамките на движењето и прашањето на идеологијата, Саичиќ нагласува дека постојат универзални вредности што ги обединуваат сите граѓани, почнувајќи од чист воздух и вода, преку владеење на правото и фер вработување, до силен здравствен и образовен систем. Тој најави јасна и мерлива програма на која работеле бројни експерти. Во тој контекст, вели дека во првите 30 дена е планирано да се обезбеди стабилност на девизниот курс на динарот, редовна исплата на платите и на пензиите и стабилно снабдување со енергија. За таа цел, најавени се разговори во Вашингтон и Москва за склучување долгорочни аранжмани за нафта и гас, како и усвојување на потранспарентен буџет за 2027 година со пренасочување на трошењата. А, во првите 100 дена, како што вели, фокусот ќе биде ставен на декриминализација на државата, реструктуирање и професионализација на управувањето со државните институции и компании, ревизија на проектите од јавно значење и почеток на постапка за враќање на нелегално стекнат имот.

За трагедијата во Нови Сад, во која загинаа 16 луѓе, а цели две години нема осудени, Саичиќ вели дека сите одговорни за коруптивни дејства за време на реконструкцијата на натстрешницата ќе бидат гонети, зашто веќе ја нема  опструкцијата на  истрагата. Тој исто така рече дека се разгледува составот на новата влада, но дека прво мора да се проверат резултатите од изборите и да се конституира парламентот. Целта, тврди тој, е процесот да заврши без непотребно одложување, но и без брзање. Според него, студентите ќе одлучат за претседателскиот кандидат на Студентската листа. Како што нагласува, односот меѓу идната влада и претседателот треба да се базира на уставните овластувања на секоја институција.

Зборувајќи за постојниот државен апарат, Саичиќ рече дека новата влада им подава рака на сите чесни работници во институциите кои не го прекршиле законот. Од друга страна, сите високи функционери и директори ќе мора да дадат отчет пред народот. Досегашната практика на назначување в.д. директори и партиски регрутирање ќе биде заменета со јавни тендери и принципи на меритократија.

ИЗДВОЕНИ