Врвна пијанистичка уметност, префинета музичка интерпретација и силна емоција. Вака накратко може да се опише настапот на британската пијанистка Исата Кане-Мејсон, која завчеравечер одржа концерт во црквата „Света Софија“ во рамките на „Британска вечер“ на фестивалот „Охридско лето“. Таа уште еднаш ја потврди својата светска репутација, освојувајќи ја македонската публика со виртуозната техника, музикалноста и со исклучителната уметничка зрелост. Со внимателно избраната програма, Исата Кане-Мејсон ги покажа својата врвна пијанистичка умешност и длабоката музичка чувствителност.
– За мене е вистинска чест што настапувам на фестивал со толку богата традиција и углед како „Охридско лето“. Среќна сум што имав можност, преку музиката, да ја споделам оваа вечер со публиката и се надевам дека таа ќе ни остане во убаво сеќавање на сите нас – изјави Исата Кане-Мејсон, која денес важи за едно од најбараните имиња на светската пијанистичка сцена, со настапи во најреномираните концертни сали. Традиционалната „Британска вечер“, пак, уште еднаш го оправда своето место на програмата на фестивалот, нудејќи ѝ на публиката незаборавна вечер исполнета со врвна уметност.
Во знак на благодарност за исклучителната поддршка на фестивалот и придонесот во унапредувањето на културната соработка меѓу Обединетото Кралство и Република Македонија, директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, им врачи фестивалски плакети на Н.Е. Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство и на Клер Сирс Вуд, директор за Западен Балкан при Британскиот совет.
Заблагодарувајќи се за долгогодишната поддршка и успешната соработка, Цуцковски истакна дека Британската вечер е еден од најзначајните програмски сегменти на фестивалот и претставува симбол на пријателството, меѓусебната доверба и заедничката заложба за промоција на врвните културни вредности.
Британскиот амбасадор Метју Лосон, пак, истакна дека му претставува особена чест што, заедно со Британскиот совет, се домаќини на Британската вечер во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Тој нагласи дека оваа традиционална вечер е уште една потврда за блиските културни врски и долгогодишното пријателство меѓу двете земји.
– Овој концерт е уште една потврда за силните врски и за одличното партнерство меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Цврсто веруваме дека музиката има моќ да ги зближува луѓето и да гради трајни пријателства, а токму тие вредности се темел на односите меѓу нашите две земји – истакна амбасадорот Лосон.












