Во галеријата на МКЦ, утревечер (30 октомври) од 20:00 часот, ќе се одржи промоција на романот „Коулун, заградениот град“ од Јана Узунова.
Низ разговор со авторката, романот кој е во издание на „Или-Или“, ќе го претстави писателот Стефан Алијевиќ. Ова е втор роман на Узунова, по романот „Вергина“.

Станува збор за мрачен, динамичен и визуелно силен роман во кој просторот не е само сцена, туку речиси самостоен лик. Коулун е претставен како жив организам: лавиринт од тесни ходници, влага, цевки, чад, мириси, глад, насилство и сиромаштија, но и како место во кое, и покрај распадот, опстојуваат нежноста, лојалноста и потребата од спас. Коулун навистина постоел како Kowloon Walled City – заграден град во Хонг Конг, кој со децении претставувал едно од најгусто населените места во светот. Таму долго време речиси не постоела државна контрола, што овозможило развој на нелегални активности, сиромаштија и тешки услови за живот, но истовремено и создавање силно чувство на заедништво меѓу жителите. Во средиштето на романот се неколку впечатливи фигури: отец Бил, Лотос, Алфи, Сачихиро и Добрански. Преку нив се вкрстуваат различни облици на вера, љубов, вина, страв и отпор.












