„Гоце Тодоровски не беше само еден од најдолговечните и најсакани членови на ансамблот. Тој беше дел од неговиот идентитет, од времето кога претставите се играа со децении, кога билет повеќе се бараше со недели и кога актерите стануваа дел од животот на својата публика. Зад него остануваат улоги што ќе продолжат да живеат во сеќавањето на гледачите, архивските снимки на кои повторно ќе нè насмее и онаа особена тишина што останува кога од сцената ќе замине актер кој никој не може да го замени“, велат од неговата матична куќа, Драмски театар. Покрај бројните награди, тој во 1986 е прогласен за најпопуларно телевизиско лице според гласовите на читателите на весникот ВЕЧЕР

Гоце Тодоровски, еден од најпрепознатливите и најсаканите македонски актери, кој со децении ја воодушевуваше, ја смееше и ја расположуваше публиката во театарот, на филмското платно, телевизијата и на радиото, замина во легендите. Со неговото заминување, македонскиот театар, филм и телевизија загубија уметник чиј талент речиси половина век беше дел од колективната меморија на публиката.

Гоце Тодоровски, почина на 75-годишна возраст, по долго боледување.

Од Драмскиот театар, каде што тој четири децении беше член на ансамблот и каде што остана до неговото пензионирање во 2018 година, напишаа:

„За Драмски, Гоце Тодоровски не беше само еден од најдолговечните и најсакани членови на ансамблот. Тој беше дел од неговиот идентитет, од времето кога претставите се играа со децении, кога билет повеќе се бараше со недели и кога актерите стануваа дел од животот на својата публика. Зад него остануваат улоги што ќе продолжат да живеат во сеќавањето на гледачите, архивските снимки на кои повторно ќе нè насмее и онаа особена тишина што останува кога од сцената ќе замине актер кој никој не може да го замени“.

Покрај бројните значајни улоги во повеќе медиуми, македонската публика засекогаш ќе го памети како незаборавниот Цанде од „Солунски патрдии“.

– Тодоровски не ја бараше наклонетоста на гледачите, ја освојуваше уште со првото појавување на сцената. Неговата игра имаше ретка непосредност: прецизен актерски ритам што изгледаше сосема природно, жива мимика, препознатлив гест и оној мангупски шарм со кој умееше да ја пренесе играта од сцената во гледалиштето. Неговата комика никогаш не беше само ефект. Зад смеата стоеја дисциплина, инстинкт и длабоко разбирање на човечките слабости, се зборовите со кои од актерот се збогуваа од Драмски.

Роден во Кичево во 1951 година, во 1976 година дипломира на Отсекот за драмски актери при Вишата музичка школа. Тодоровски уште како студент учествува во продукции на Драмски, каде што во 1978 година станува постојан член на ансамблот.

На матичната сцена остварил 43 улоги во претстави од различни жанрови. Неговата театрографија започнува со „И бол и бес“, а низ годините ги создаде Цанде во „Солунски патрдии“, Помалиот брат во „Чудото на Свети Ѓорѓи“, Мачорот Џингискан во „Мачорот Џингискан и Мики Траси“, Ачко во „Викенд на мртовци“, Питу во „Сара Бернар“, сер Тоби Ждригало во „Ноќ спроти водици“, Петар во „Собирен центар“, Главниот во „Ова не е американски филм“, Панталоне во „Арлекин или Слуга на двајца господари“, Осман-бег во „Ладало“ и многу други. Ставре во „Како да се ограби банка“, беше неговата последна улога на сцената на Драмски театар.

„Како да се ограби банка“

Тодоровски беше дел од три претстави што прераснаа во вистински театарски феномени: „Солунски патрдии“, „Болва во уво“ и „Викенд на мртовци“. Секоја од нив живееше на сцената повеќе од две децении, со генерации гледачи што ги знаеја ликовите и репликите речиси како дел од сопствените семејни приказни. Во „Солунски патрдии“, критиката ја опиша неговата изведба како речиси самостојна артистичка вечер, истакнувајќи ја леснотијата со која се преобразуваше од лик во лик и свежината и неповторливоста на неговите комични нијанси.

Иако природно надарен за комедија, неговиот актерски опсег беше далеку поширок. Ангеле во „Лет во место“, во режија на Слободан Унковски, Питу во „Сара Бернар“ и неговите улоги во „Ревизор“, „Собирен центар“ и „Ова не е американски филм“, откриваа актер способен истовремено да ги носи светлината и темнината на еден лик.

– Зад разиграноста постоеја меланхолија, ранливост и прецизно чувство за драмскиот миг. Во тоа се состоеше неговата големина: никогаш да не го претвори ликот во карикатура, дури и тогаш кога салата се тресеше од смеа, додаваат од Драмски.

Неговата сестраност и пргавост како актер ги надминаа границите на театарската сцена. Учествуваше во повеќе од шеесет филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Викенд на мртовци“, „Пред дождот“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Ругање со Христа“, „Преспав“ и „Бистра вода“. За многумина останува неразделен дел и од „Бушава азбука“, „Хихириху“ и секако, „Македонските народни приказни“, во кои со години создаваше ликови што влегуваа во домовите и растеа заедно со неколку генерации.

Aктерката Маја Андоновска-Илијевски, која со Тодоровски ги снимаше „Македонските народни приказни“ од својот колега се збогуваше на социјалните мрежи.

„Македонските народни приказни“

– Имав чест да застанам пред камера со Гоце Тодоровски, снимајќи ги Македонските народни приказни за кои секогаш велам дека ми се дел од најубавите спомени. Гоце беше актерска легенда и прекрасен човек, со кого имам безброј убави спомени од снимањата. Денови исполнети со разговори, хумор, искрено смеење и моменти што засекогаш остануваат во срцето. Зад себе остави безброј ликови кои ќе продолжат да живеат во нашата колективна меморија и да нè потсетуваат колку е голема моќта на вистинската уметност. Некои луѓе не заминуваат целосно. Остануваат во своите улоги, во спомените на колегите и во љубовта на публиката. Летај мирно, Гоце, ми беше чест… напиша таа.

Инаку, Тодоровски заедно со Ванчо Петрушевски, Благој Чоревски и Ѓорѓи Колозов ја основаа комично-сатиричната театарска трупа „Модро окце“. Работеше и со македонската заедница во Австралија, каде што режираше и играше во претстави на театарот „Бумеранг“, пренесувајќи го македонскиот јазик и театар далеку од матичната сцена.

Сашенка, ќерката на легендарниот актер Гоце Тодоровски, со емотивни зборови се прости од својот сакан татко.

„Го напушти овој свет, а ми вети… Не издржа бе татко, а невидена желба за живот. Сега летај со ангелите… Уште кога си замина кум Ванчо, замина и дел од тебе… Сега барем знам дека сте заедно тандем на овој, па и на оној свет“. Гоце Тодоровски има и син.

– Неговото дело ќе продолжи да живее, затоа што вистинските великани никогаш не заминуваат – тие остануваат во срцата на народот и во спомените што ги создадоа. Денес, на небесната сцена им се придружува на Ѓорѓи Колозов, Ванчо Петрушевски и на сите големи македонски уметници кои оставија неизбришлив белег во нашата култура. Македонија загуби уште еден великан. Но неговото име, неговиот глас и неговите безвремени улоги ќе останат вечен дел од нашето културно наследство, напиша градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој ја објави жалната вест за актерот.

„Солунски патрдии“

Тодоровски за улогата на Цанде во „Солунски патрдии“ во 1980 ја доби наградата за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“. Во 1986 е прогласен за најпопуларно телевизиско лице според гласовите на читателите на весникот ВЕЧЕР, во 2020 година ја добива наградата „Свети Јоаким Осоговски“ за значаен придонес во театарот и уметноста, а во 2023 година е одликуван со Орден за заслуги за Република Македонија. Во 2025 година, фестивалот „Војдан Чернодрински“ му ја додели Наградата за животно дело, признание за актерскиот пат што одамна беше станал дел од историјата на македонскиот театар. Минатата година ја доби државната наградата „23 Октомври“ во областа на културата и уметноста за 2025 година.

– Почивај во мир, легендо наша, Гоце Тодоровски. Со твојот талент, хумор и човечност нè смееше, нè радуваше и остави спомени што ќе живеат со генерации. Големите актери не заминуваат навистина, тие остануваат засекогаш во своите улоги, во нашите сеќавања и во срцата на публиката. Вечна ти слава и големо благодариме за сè што ни подари, пак, се зборовите со кои познатиот пејач Ѓоко Јовиќ се збогува од познатиот актер.

ИЗДВОЕНИ