Недоволниот број инспектори и слабиот систем за следење на градбите создаваат услови во кои нелегалните и неконтролирани градби се шират низ целата држава. Државниот инспекторат во 2024 година располагал само со петмина инспектори кои треба да ги покријат илјадниците потенцијални градилишта, што сериозно ги ограничува обемот и ефикасноста на надзорот. Повеќеслојната институционална поставеност и бавната реализација на решенијата дополнително го отежнуваат спроведувањето на мерките. Ревизијата нагласува дека без современи алатки за следење и подобра координација со локалната самоуправа, контролата на градежните активности останува површна и селективна. Последицата е реална закана за просторното планирање, јавниот интерес и безбедноста на граѓаните

 

Со години, во јавноста се говори дека во земјава цвета урбанистички хаос – дека се гради без јасен ред, дека зеленилото исчезнува, а градовите се задушуваат во бетон. За ваквите предупредувања пишуваат медиумите, реагираат архитекти и урбанисти, а граѓаните се жалат на неконтролирана урбанизација и на пренатрупани населби. Честопати, архитектите и урбанистите велат дека урбанизмот често се креира според инвеститорските интереси, а не според потребите на граѓаните и просторното планирање. Во дел од анализите се посочува дека урбаниот развој е обележан со „хаотични интервенции во просторот“ и неконтролирано зголемување на густината на градбите.

Сега, ваквите оценки добиваат и институционална потврда. Наодите од ревизорскиот извештај на Државен завод за ревизија за работењето на Државен инспекторат за градежништво и урбанизам покажуваат дека системот на инспекциски надзор во градежништвото функционира со сериозни институционални слабости, недоволни ресурси и ограничена ефикасност во спречување на незаконското градење.

Ревизорите предупредуваат дека доколку институцијата која треба да го спроведува овој надзор не располага со доволно ресурси, јасни процедури и ефикасни механизми за контрола, се создава простор за урбанистички хаос – со долгорочни последици врз просторното планирање, јавниот интерес и безбедноста на граѓаните.

Еден од најсериозните проблеми што ги нотира ревизијата е недоволниот број инспектори. Според ревизорските наоди, државниот инспекторат во 2024 година располагал со пет градежни инспектори кои треба да вршат надзор над градбите од прва категорија и да ја следат работата на локалните инспекции во целата држава. Од кои, едно работно место – градежен инспектор од август 2024 година било ставено во мирување и два во областа на урбанизмот. Ревизијата истакнува дека во моментот на вршење на ревизијата, инспекцискиот надзор во областа на градежништвото се спроведувала од страна на еден инспектор, кој до крај на 2025 година требал да се стекне со право на старосна пензија,

– Со што ДИГУ останува без градежни инспектори, односно без можност од спроведување на инспекциски надзор во областа на градежништвото. Со вакви ограничени човечки ресурси, институцијата, практично, треба да контролира илјадници потенцијални градилишта – се потенцира во ревизорскиот извештај.

Ревизорите предупредуваат дека ваквата состојба создава сериозен ризик од селективно и недоволно ефикасно спроведување на инспекцискиот надзор, особено во услови кога градежната активност во земјата бележи континуиран пораст.

Според ревизијата, инспекторатот во анализираниот период постапувал по стотици претставки и инспекциски предмети, но институцијата нема воспоставено целосно функционален информациски систем кој ќе овозможи централизирано следење на постапките. Ревизорите констатираат дека не постои интегрирана база на податоци преку која би се следеле инспекциските надзори, издадените решенија и нивната реализација. Тоа значи дека институцијата нема целосна слика за тоа колку од изречените мерки се реализирани, колку бесправни градби се запрени и колку решенија остануваат неспроведени.

Според ревизорите, ова ја ограничува можноста за анализа на ризици и за планирање на идните инспекциски контроли.

Ревизијата нотира слабости и во реализацијата на инспекциските мерки. Иако инспекторатот носи решенија за запирање на градби или отстранување на неправилности, нивната реализација често се пролонгира. Како причина се наведува сложената институционална поставеност – надлежностите се поделени меѓу државните институции и локалната самоуправа.

– Во ваков систем, координацијата не функционира секогаш ефикасно, што може да доведе до одложување или делумно спроведување на инспекциските мерки – нотираат ревизорите и предупредуваат дека ваквите слабости создаваат ризик од ограничена превенција на бесправното градење.

Во услови на засилена урбанизација и експанзија на градежниот сектор, институционалните слабости во инспекцискиот систем може дополнително да го продлабочат проблемот со незаконското градење.

– Без доволно инспектори, без интегриран информациски систем и без поефикасна координација меѓу институциите, инспекцискиот надзор не може целосно да ја исполни својата превентивна и контролна функција – нотираат ревизорите.

Токму затоа, тие препорачуваат зајакнување на кадровските капацитети, подобрување на техничката опременост, воспоставување централен информациски систем и подобра координација со локалните власти.

Наодите од ревизијата отвораат пошироко прашање за функционалноста на системот на урбанистичка контрола во државата. Инспекцискиот надзор е последната институционална линија на одбрана од незаконско градење и злоупотреби во урбанистичкото планирање.

– Ако таа линија е слаба, предупредуваат експертите, урбанистичкиот хаос не е само перцепција на јавноста – туку реален системски проблем.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ