И покрај бројните апели и засилените казни, палењето стрништа и понатаму предизвикува сериозни пожари на отворено. Институциите предупредуваат дека со зголемувањето на температурата, ризикот од брзо ширење на огнот е сè поголем. Само во последните две години, штетите од шумските пожари се проценуваат на повеќе од 130 милиони евра

 

Со доаѓањето на потопли денови, повторно се активира и еден од најсериозните еколошки и безбедносни проблеми во земјава – пожарите на отворено, често предизвикани од човечки фактор. Последниот пример доаѓа од регионот на Дебар, каде што навремената интервенција на институциите спречи потенцијално поголема катастрофа.

Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, информира дека, вчера, паралелно со пожарите на планината Огражден, околу 14 часот, службите на ЈП „Македонски Шуми“ – подружница Дебар, заедно со службите на Национален парк „Маврово“, детектирале повеќе запалени стрништа над селото Горно Косоврасти во општина Дебар.

Според Михаилов, станува збор за неколку различни локации каде што несовесни граѓани запалиле стрништа со цел да ги исчистат нивите, по што го напуштиле местото, оставајќи активен оган.

– Нашите служби, во текот на доцнопопладневните часови вчера и рано утрово, реагираа на терен и успеаја да спречат поголема катастрофа – истакна Михаилов.

Иако пожарите со години се меѓу најголемите сезонски закани за шумите и природните ресурси, од институциите оценуваат дека дел од граѓаните сè уште не ја научиле лекцијата од претходните години.

– Како што се зголемува температурата и секојдневно добивам информации од терен, имам чувство дека граѓаните сè уште не ја сфатиле пораката од минатите години. Таа беше толку јасна и видлива – предупредува Михаилов.

Според него, климатските услови се менуваат, а пожарите денес се шират побрзо и стануваат потешки за контрола. Во такви околности, дури и мал, наизглед безопасен оган може да прерасне во сериозен шумски пожар.

Податоците од надлежните институции покажуваат дека државата започнала построго да реагира на ваквите случаи. Само во 2025 година биле приведени 66 лица осомничени за подметнување пожар, а поднесени се 44 кривични пријави, додека дел од случаите сè уште се во постапка.

– Граѓаните треба да знаат дека веќе има случаи во кои судовите изрекуваат и повеќегодишни затворски казни и високи парични глоби. Тоа е јасен сигнал дека нема да има толеранција за вакви постапки – нагласува Михаилов.

Последиците од пожарите не се ограничуваат само на уништената шума. Според пресметките на надлежните институции, само во последните две години штетите од изгорената дрвна маса и зафатената површина надминуваат 130 милиони евра.

Но, како што предупредуваат експертите, вистинската еколошка цена е многу поголема и се мери со децении потребни за обновување на уништените екосистеми.

– Ние не можеме толку брзо да изгасиме пожари колку што некој може да запали. Затоа апелирам – да не се палат огнови на отворено, без разлика дали станува збор за чистење стрништа, меѓи или пасишта – порача Михаилов.

Од ЈП „Национални шуми“ порачуваат дека секој што ќе биде фатен на самото место или идентификуван преку оперативни сознанија, ќе се соочи со законска одговорност.

Според институцијата, нема да се прави разлика дали пожарот е предизвикан намерно или од невнимание – одговорност ќе има за секој што со својата постапка ќе го загрози шумскиот фонд и природата.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ