Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се подготвува претставата „Саатот“ од Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, во режија на Кристина Димитрова. Во претставата играат Димитар Ѓеорѓиевски, Наташа Ачански и Филип Јездиќ. Премиерата е планирана за почетокот на април.
„Саатот“ е интимна трагикомедија со апсурдни и постмодерни драматуршки елементи. Двајца актери на сцената ќе ги играат лицата на Вера и Јован, плус уште еден актер/музичар ќе го игра персонифицираниот ѕиден часовник. Улогата на часовникот ќе биде да покаже повеќе аспекти од животот на новото време.
– Дали времето е музика на животот? Јован ѝ е маж на Вера. Како што го опишува писателката Митоска, тој е ведар, опуштен и исполнет човек, кој наоѓа задоволство во малите нешта. Вера, од друга страна, ниту може да дејствува и да ја промени својата состојба во општеството што се распаѓа ниту може да се помири и да најде спокојство во својот мирен, „нормален“ живот. Распаѓањето на општеството го симболизира распаѓањето на животот. Сопругот и сопругата имаат различно психолошко време во себе и во нив се наоѓа различен часовник, кој свири различна музика. Иако живее со партнерот во разбирање и љубов, таа размислува дека ништо не се менува, а кога нема промени, времето не се гледа и чувствува. Вера се чувствува заглавена во секојдневната рутина, секој ден ѝ е ист и гледа како ѝ минува животот без вистински да го живее. Постојано го убедува да заминат и да почнат нов живот, но за него е неприфатливо тоа. Саатот го следи секој нејзин чекор и буквално ѝ ги брои секундите, поточно ѝ ги одбројува. Тој часовник чука во неа. Вера и Јован живеат во различно време, со различно темпо. Нивните души не може да се пронајдат во нивното субјективно гледање на животот. Оваа пиеса обработува бројни социјални и филозофски теми низ лесен дијалог и едноставно дејство. Започнува во јавето, а завршува некаде меѓу јавето и сонот – вели режисерката Димитрова.
Костимографијата и сценографијата се на Благој Мицевски, а музиката на Филип Јездиќ и на Томе Темелкоски.
Претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам.












