Пожарот во Кавадаречко денеска повторно се активирал со голема силина и се проширил кон тешко пристапен терен во близина на Тиквешкото Езеро, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според него, во гаснењето веќе дејствуваат два ер-трактори, а дополнително ќе се вклучат и полициски и армиски хеликоптер. Ангелов оцени дека пожарот тешко ќе биде ставен под контрола во текот на ноќта.
„Пожарот кој беше активен во Кавадарци денеска се реактивираше со голема силина и почна да се движи кон тешко пристапен терен во близина на Тиквешкото Езеро. Тешко ќе биде овој пожар да се стави под контрола оваа ноќ“, изјави Ангелов.
Тој посочи дека пожарот, според првичните информации, бил намерно предизвикан, бидејќи речиси истовремено биле запалени огнови на пет различни локации.
„Овој пожар е злонамерно предизвикан. Најверојатно полицијата веќе го има во раце сторителот. Одеднаш се запалени огнови на пет локации, со силен интензитет, што придонесе да се формира голема пожарна линија“, рече Ангелов.
Тој упати апел до граѓаните за максимално совесно однесување и почитување на мерките за заштита од пожари, предупредувајќи дека ветерот дополнително ја отежнува борбата со огнената стихија.
„Состојбата се влошува. Апелирам до граѓаните на совесно однесување. Ветерот дополнително го отежнува гасењето на овие тешки пожари“, порача Ангелов.












