понеделник, август 3, 2026
Дома БАЛКАН Рекордно силни ветрови ги шират пожарите во Грција, евакуирани населби – се...

Рекордно силни ветрови ги шират пожарите во Грција, евакуирани населби – се апсат пиромани/ВИДЕО

69
EPA/ORESTIS PANAGIOTOU

Големиот шумски пожар во западна Атика предизвикува сериозни проблеми четврти ден по ред, додека пожарникарите се борат со бројни жаришта кои постојано се разгоруваат од силни ветрови. Според „Прототема“, најкритичната ситуација е североисточно од Псата, во областа Кандили и на планината Китерон, каде што се регистрирани нови разгорувања во текот на денот.

Според грчките медиуми, околу 450 пожарникари се на терен, поддржани од 13 авиони и 12 хеликоптери, и постојано се обидуваат да го локализираат пожарот. Портпаролот на противпожарната служба изјави дека ситуацијата е нешто подобра отколку во претходните денови, но дека нема простор за самодоволство, бидејќи на неколку локации има активни жаришта кои лесно би можеле повторно да се разгорат од силни ветрови.

Поради приближувањето на пожарот, наредена е евакуација на населбите Агија Скепи, Кандили и Боцика, додека локалните власти предупредуваат дека бројот на оштетени куќи би можел да достигне неколку стотици.

Градоначалникот на општина Мандра-Идилија изјави дека точниот обем на штетата ќе биде познат дури по деталните проценки што ќе започнат во наредните денови.

Сепак, како што пишува Катимерини, градоначалникот на Мегара, Панајотис Маргетис, објави дека е избегната катастрофа во населбата Агија Скепи, низ која поминал пожарот, и дека ниту една куќа не изгорела благодарение на големите напори на пожарникарите.

Нови пожари избувнаа низ Грција

Додека борбата со пожарот во Атика продолжува, нови пожари избувнаа во Пилос во Месинија, Кукуш и Пиерија во текот на утрото. Пожарникари, авиони и хеликоптери се распоредени на сите локации, а ситуацијата се следи и со помош на беспилотни летала со термални камери. Почнати се истраги за да се утврди причината за новите пожари.

Пожарот на Кефалонија е ставен под контрола, но пет села сè уште се без електрична енергија поради обемни штети на дистрибутивната мрежа.

Ветрот руши рекорди

Според Meteo.gr, ветровите што дуваат во Грција во последните денови се меѓу најсилните во последните 15 години. На некои локации се регистрирани налети на ветер до 150 километри на час, што значително го комплицира гаснењето на пожарите и придонесе за нивно брзо ширење. Рекордни налети на ветер се регистрирани во Атика, Крит и Евија.

Професорот по геологија Ефтимиос Лекас предупреди дека климатската криза стана „нова реалност“, со долги сушни периоди, екстремни температури и силни ветрови што фаворизираат појава на повеќе пожари истовремено.

Според „Катимерини“, грчките власти соопштија дека од 27 јули избувнале 220 пожари низ целата земја, додека 33 лица се уапсени во последните пет дена за предизвикување пожари. Триесет лица се обвинети за небрежно палење, додека тројца се уапсени под сомнение за намерно предизвикување пожари. Изречени се и казни од над 70.000 евра.

Грција беше шокирана и од веста дека непознати сторители провалиле во автомобилите на пожарникарите додека тие гаснеле пожар. Синдикатот на пожарникарите објави дека на некои членови на спасувачките екипи дури им биле украдени тркалата на возилата, оценувајќи дека ова е невиден чин против луѓе кои со денови го ризикуваат својот живот на првата линија на одбрана од пожарот.

Грчката влада најави итни проценки на штетите и финансиска помош за ранливите граѓани. Државата ќе покрие 100 проценти од трошоците за реставрација или реконструкција на оштетените куќи, додека семејствата привремено оставени без покрив над главата ќе можат да добијат помош со изнајмување стан до 500 евра месечно, како и еднократна парична помош до 6.000 евра за основни животни потреби.

Во Атика и Беотија досега се изгорени повеќе од 100.000 хектари земја, додека експертите предупредуваат дека последиците од овој огнен елемент врз природата и локалните заедници ќе бидат долгорочни.

ИЗДВОЕНИ