Вкупно пет македонски семејства досега побарале помош или асистенција при евакуација од подрачјата зафатени со пожарите во Грција, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Според информациите од дипломатско-конзуларното претставништво во Солун, македонските семејства, во координација со надлежните грчки власти, биле упатени кон најблиските евакуациски точки, каде што биле згрижени заедно со останатите туристи.
Од МНР и надворешна трговија повторно упатуваат апел до македонските државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја и имаат потреба од помош да се обратат на дежурниот телефон на Министерството +389 75 268 736 или преку електронската адреса [email protected].
Помош и информации може да се побараат и на дежурните телефонски броеви на Конзулатот на Република Северна Македонија во Солун: +30 694 526 8068 и +389 71 323 001.
Министерството ги повикува македонските државјани во засегнатите подрачја внимателно да ја следат состојбата и доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на надлежните локални власти.












