Македонија наесен ќе почне проект од најмалку две милијарди евра за изградба на брза железница на Коридорот 10, која треба да ја поврзе со Србија и со Грција. Според најавите, за пет години, од Скопје до Солун ќе се патува за само еден час и дваесет и пет минути, а до Белград – за околу два и пол часа. На самитот во Солун беше порачано дека модернизацијата на клучните транспортни коридори е предуслов за економски раст и за посилна интеграција на Западен Балкан во европските транспортни текови

Изградбата на брзата железница покрај Коридорот 10, која треба да ја поврзе Македонија со Србија и со Грција преку современа железничка инфраструктура, беше една од главните теми на самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“, кој се одржа во Солун. На настанот, на кој учествуваа министрите за транспорт од земјите на Западен Балкан, претставниците на Европската Унија и меѓународни финансиски институции, беше испратена јасна порака дека транспортното поврзување е клучно за економскиот развој, конкурентноста и за европската интеграција на регионот.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, најави дека Македонија влегува во фаза на силен инфраструктурен развој со реализација на еден од најамбициозните проекти во поновата историја на државата: изградба на брза железница по целата траса на Коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција.

Според Николоски, проектот ќе овозможи целосна трансформација на транспортниот систем во земјава и ќе создаде нови економски можности за целиот регион. Тој посочи дека планираната железница ќе овозможи патничките возови да се движат со брзина од 160 до 200 километри на час, додека товарните композиции ќе достигнуваат брзина до 120 километри на час.

– Доколку паметно и мудро го искористиме Коридорот 10, можеме целосно да ја трансформираме економијата во Југоисточна и во Централна Европа. Денес веќе постои брза железница меѓу Атина и Солун, завршена е железничката врска Белград – Будимпешта, а Србија интензивно работи на делницата Белград – Ниш. Она што недостига е поврзувањето меѓу Ниш, Скопје и Солун. Токму затоа Македонија почнува амбициозна програма за изградба на брза железница по должината на целиот Коридор 10 – истакна Николоски.

Тој нагласи дека вредноста на проектот се проценува на најмалку две милијарди евра, а неговата реализација се очекува да биде завршена во рок од пет години. Финансирањето, како што посочи, е обезбедено преку Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.

Според најавите, со изградбата на брзата пруга значително ќе се скрати времето на патување меѓу главните градови во регионот. Од Скопје до Солун ќе се патува само еден час и дваесет и пет минути, додека патувањето до Белград ќе трае околу два и пол часа. Воедно, товарниот железнички сообраќај ќе добие сосема нова димензија, при што товарен воз од Атина до Виена ќе може да стигне за помалку од 24 часа, а од Солун до Будимпешта за 12 до 14 часа.

– Тоа е целосно нова реалност за регионот. Зборуваме за проект што нема да има значење само за Македонија туку ќе влијае и врз економските текови во поширокиот регион и ќе го зајакне значењето на Коридорот 10 како една од најважните транспортни артерии во Европа – порача Николоски.

Тој потенцираше дека земјите низ кои минува Коридорот 10 имаат заедничка одговорност да работат на негово доизградување и модернизирање, бидејќи само преку координиран пристап може да се искористи неговиот целосен потенцијал.

– Коридорот 10 ќе го градат сите земји на кои им припаѓа. Кога ќе биде целосно модернизиран, тој ќе стане економски најзначаен коридор во Европа и ќе отвори нови можности за трговија, инвестиции и за развој – нагласи Николоски.

На самитот се обрати и директорот на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, кој порача дека транспортот не смее да се гледа исклучиво низ призмата на инфраструктурните проекти, туку како двигател на општествениот и на економскиот развој.

– Често успехот го мериме преку бројот на изградени километри патишта или железници и преку количината на пренесена стока. Но, суштината е во тоа што поврзаноста им овозможува на луѓето подобар живот. Таа им овозможува на пациентите побрз пристап до здравствена заштита, на студентите до образование, а на претприемачите до нови пазари и можности за развој – истакна Закоњшек.

Тој оцени дека Западен Балкан повеќе не треба да се гледа како периферија на Европа, туку како нејзина нова транспортна и економска раскрсница.

– Западен Балкан не е периферија. Тој е срцевината на новата европска политика на поврзување. Инвестициите во транспортот не значат само нови патишта, железници, пристаништа и аеродроми туку и создавање услови за економски раст, конкурентност и подобар животен стандард – рече Закоњшек.

Еврокомесарот за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас, нагласи дека Европската Унија останува силен поддржувач на транспортното поврзување на Западен Балкан и оцени дека регионот има потреба од континуирани инвестиции во железничката, патната, поморската и во воздушната инфраструктура.

Тој предупреди дека не може да се надминат предизвиците само со јавни средства и дека е неопходно мобилизирање на дополнителен капитал преку партнерства меѓу владите, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор.

– Само јавното финансирање не е доволно. Потребни се силни партнерства за да се реализираат големите инфраструктурни проекти, кои ќе ја обезбедат идната конкурентност на регионот и на Европа – изјави Цицикостас.

Во фокусот на дискусиите на самитот беа коридорите 8 и 10, кои се сметаат за стратешки транспортни правци за Македонија и за целиот регион. Учесниците оценија дека нивната модернизација ќе придонесе за побрз проток на стоки и на патници, зголемена конкурентност на економиите и за посилна интеграција на Западен Балкан во европските транспортни и економски текови.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ