Почнаа подготовките за реализација на значаен инвестициски циклус од 50 милиони евра за енергетска обнова на јавните згради во Македонија. Ќе се изработи подготвителна студија за енергетска ефикасност. Процесот се реализира во рамки на програмата PEEB Cool, со поддршка од Француската агенција за развој (AFD) и во координација со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и надлежните државни институции.

Ќе бидат опфатени 14 приоритетни јавни објекти со вкупна површина од околу 100.000 квадратни метри и проценета вредност за реновирање од околу 11 милиони евра.

– Ова претставува основа за градење на значително пошироко инвестициско портфолио, со амбиција да достигне најмалку 50 милиони евра. Државата веќе има обврска за годишна обнова на 3 % од јавните згради во периодот 2025 – 2028, со цел до 2028 година да се достигне најмалку 9 % обновена површина – велат од Министерството за енергетика.

Подготвителната студија ќе обезбеди конкретна и применлива основа за следната фаза – детални анализи и реализација на инвестиции. Фокусот ќе биде ставен на длабински и мерливи резултати. За секој објект ќе треба да се исполнат најмалку два од трите клучни критериуми: најмалку 40 % заштеда на енергија, 40 % намалување на емисиите на стакленички гасови или 40 % заштеда на вода. Дополнително, кај објектите без системи за ладење, ќе се бара и најмалку 20 % подобрување на термичкиот комфор.

ИЗДВОЕНИ