Министерството за животна средина и просторно планирање и Синдикалната организација на Министерството го потпишаа првиот колективен договор од ваков вид и направија значаен исчекор кон унапредување на работничките права на вработените.
Со договорот се предвидува постепено зголемување на платите на работниците во Министерството, по 7 отсто почнувајќи од март 2026 година, со дополнително зголемување во 2027 и 2028 година.
– Ова е јасен сигнал дека се препознаваат и вреднуваат трудот и посветеноста на работниците. Истовремено, се обезбедува и унапредување на условите за сите вработени, преку усогласување на платите за другите категории, согласно со законските прописи, но и преку воведување низа конкретни придобивки: надоместоци за ноќна и сменска работа, регулирање на исплатата на патните трошоци, работа за празници и прекувремена работа, јубилејни награди, како и засилени механизми за заштита од вознемирување и унапредување на безбедноста при работа – велат од МЖСПП.
Министерот Муамет Хоџа, по потпишување на договорот со претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, и претседателката на синдикалната организација, Мартина Спасовска- Тоцева, рече дека овој договор претставува резултат на заедничката посветеност, дијалогот и меѓусебната почит.












