По серијата континуирани поскапувања, граѓаните конечно добиваат мало олеснување со намалувањето на цените на бензините, иако дизелот останува на исто ниво. Одлуката на РКЕ доаѓа во време на нестабилни глобални пазари, каде што геополитичките тензии и движењата на берзите и натаму силно влијаат врз цените на горивата. И покрај овој благ пад, неизвесноста останува, а идните корекции ќе зависат од развојот на состојбата на светскиот енергетски пазар

 

По едномесечниот пораст на цените на горивата, конечно има намалување на бензините за 2,5 и 3 денари по литар, а дизелот останува со истата цена од минатиот вторник. Вака одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) со што, од ноќеска по полноќ, малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 1,41 % во однос на одлуката од 23 март.

Така, максималните цени на нафтените деривати се утврдени и тоа на моторниот бензин еуросупер БС 95 на 84,00 (денари/литар), бензинот еуросупер БС – 98 на 85,50 (денари/литар), дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) останува на 95,50 (денари/литар), маслото за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) на 92,50 (денари/литар) и мазутот М-1 НС на 50,410 (денари/килограм).

Од РКЕ соопштија дека е намален износот на трошокот за работење преку склад и наместо досегашните 1,70 денари/литар, сега изнесува 1,20 денари/литар и дека тоа е сторено поради актуелните случувања на светските берзи на цени на нафта и нафтени деривати, а со цел амортизација на влијанието на домашниот пазар и заштита на потрошувачите и обезбедување на сигурност во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјата.

– Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 31.3.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени – велат од РКЕ.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 3,758 %, кај дизелот има зголемување за 1,604 %, кај екстра лесното маслото зголемувањето е за 2,151 % и кај мазутот има намалување за 1,055 %.

Одлуката на РКЕ доаѓа во време на нестабилни глобални пазари, каде што геополитичките тензии и движењата на берзите и натаму силно влијаат врз цените на горивата. И покрај овој благ пад, неизвесноста останува, а идните корекции ќе зависат од развојот на состојбите на светскиот енергетски пазар.

Според анализата на сервисот „Инвестор сајт“, војната со Иран, која започна на 28 февруари 2026 година, предизвика силен потрес на глобалниот пазар на нафта, при што најновите податоци покажуваат драматични разлики во порастот на цените на дизелот низ светот, особено најголем удар претрпеле азиските земји.

Така, Филипините бележат најголемо поскапување од 81,6 %, по што следува Нигерија со 78,3 %. Во Малезија, цената на дизелот пораснала за 57,9 %, додека во Австралија за 52,1 %, при што премиерот Ентони Албанезе најави дека владата привремено ќе ја преполови акцизата за гориво. Се очекува мерката, првично поставена за три месеци, да ги намали цените на бензинот и дизелот за околу 0,26 австралиски долари (0,17 американски долари) по литар. Владата, исто така, ќе ја намали таксата за користење на патиштата за тешки возила на нула во текот на периодот. Пакетот ќе чини околу 2,55 милијарди долари и има за цел да го намали притисокот врз домаќинствата и бизнисите.

Украина се наоѓа на десеттото место со пораст од 33,9 %, што е повеќе отколку во водечките европски економии. Во Германија е регистриран пораст од 30,9 %, а во Франција 27,8 %. Во САД, цената на дизелот пораснала за 41,2 %, додека во Кина за 25,4 %.

Додека голем дел од светот се соочува со високи цени, одредени земји остануваат релативно стабилни. Индија и Саудиска Арабија не бележат промена (0,0 %), додека Русија има минимален пораст од 0,5 %. Земјите од Персискиот Залив, како Катар и Обединетите Арапски Емирати, имаат умерен пораст од околу 7,9%.

Експертите посочуваат дека цените се ажурираат неделно, но дека тековниот тренд покажува оти енергетската стабилност и географската близина до ресурсите се клучни фактори за справување со кризата, која е дополнително влошена поради ограничувањата на протокот на нафта низ Хормутскиот Проток.

 (С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ