Ракометниот клуб Партизан ја одбрани шампионската титула во Србија, но финалната серија против Војводина наместо да биде спортски спектакл, се претвори во вистински хаос.

Партизан го доби првиот меч во Белград со 33:27, а вториот во Нови Сад беше прекинат уште во 15. Минута, при водство на Војводина од 6:5. Причина за прекинот беше фрлањето пиротехнички средства од трибините, а едно од нив падна близу судијата Марковиќ. По долг прекин, двата тима се повлекоа во соблекувалните.

По повеќе од час и половина, на теренот се вратија само ракометарите на Партизан, додека Војводина одби да продолжи.

Судиите потоа го регистрираа мечот со службени 20:0 за белградскиот клуб, што значеше титула и конечни 2:0 во серијата. Но, драмата не заврши тука.

Од Партизан, утрото по натпреварот, излегоа со жестоко соопштение и директно ја нападнаа Војводина, обвинувајќи ја дека шири невистини и дека намерно избегнала да се врати на теренот. Од клубот тврдат дека биле исполнети сите безбедносни барања и дека нивните навивачи се повлекле зад полицискиот кордон.

  • Неизлегувањето на свој терен е кукавички потег каков што српскиот ракомет не памети – порачаа од Партизан.

Белградскиот клуб ги оспори и тврдењата за повредени играчи и судии, нагласувајќи дека снимките покажуваат поинаква слика.

Во соопштението посочија дека Војводина, со ваквиот потег, се обидува да го тргне вниманието од, како што велат, најуспешната генерација во историјата на Партизан.

„Црно-белите“ оваа сезона ги освоија сите домашни трофеи и ставија печат на една историска година.

Сепак, сè уште се чека конечниот збор од раководството на Аркус лигата, а јасно е дека финалето ќе остане запаметено повеќе по скандалот отколку по ракометот.

 

ИЗДВОЕНИ