понеделник, октомври 26, 2026
Дома СКОПСКА „Ехо“ носи филмски приказни за планинските предизвици, истражувањата и заштитата на природата

„Ехо“ носи филмски приказни за планинските предизвици, истражувањата и заштитата на природата

11

Планинарството, алпинизмот, истражувањето на непознатото и заштитата на природата се во фокусот на 17. издание на „Ехо“ – Фестивалот на планински филм, кој од 26 до 30 октомври ќе се одржи во Скопје.

Една од содржините што ќе привлечат особено внимание е презентацијата на спелеонуркачкиот клуб „Врело“, посветена на меѓународната експедиција во подводната пештера Врело, во кањонот Матка. Истражувањето достигна длабочина од 338 метри, при што беа поставени три светски рекорди и беа отворени нови можности за истражување на подводниот свет.

Експедицијата е дел од пошироката приказна што ја носи фестивалот – човечката љубопитност, истрајноста и желбата да се поместуваат границите на познатото. Преку филмски остварувања и презентации, „Ехо“ ги поврзува истражувањата на пештерските длабочини и планинските предели со приказните за луѓето и заедниците што живеат во непосредна поврзаност со природата.

Во текот на петте фестивалски дена, публиката ќе има можност да проследи меѓународна селекција на филмови што ја прикажуваат планината од различни перспективи – како простор за спортски достигнувања, лични предизвици, природно наследство и културен идентитет.

Значаен дел од програмата е посветен на алпинизмот, со филмови што ги документираат големите искачувања, ризиците и границите на човечките можности, но и сложениот однос меѓу човекот и планината.

Посебно внимание им е посветено и на жените во планинарењето и алпинизмот. Преку нивните лични искуства и достигнувања, филмовите ги отвораат прашањата за предизвиците со кои се соочуваат во средини во кои традиционално доминирале мажите.

Еколошката програма, пак, ги става во фокус климатските промени, ранливоста на планинските екосистеми и одговорноста на човекот за зачувување на природната средина. Фестивалската селекција ги опфаќа и животот во планинските предели, локалните традиции, културното наследство, како и скијањето и сноубордингот, претставувајќи ја разновидноста на планинската култура.

Свеченото отворање на „Ехо“ ќе  биде денеска, во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар, со почеток во 19:00 часот, Младинскиот културен центар, а фестивалот започнува со проекција на филмот „Frost: The Story of a Lifetime“.

Покрај филмските проекции, програмата ќе вклучува презентации на гости, разговори, работилници и други придружни настани. Фестивалот ќе собере филмаџии, алпинисти, планинари, екологисти, истражувачи, уметници и љубители на планинската култура.

Со своето 17. издание, „Ехо“ продолжува да ја промовира планинската култура преку филмски проекции, разговори, преводи на книги и активности надвор од Скопје.

Фестивалот е наменет не само за оние што активно се занимаваат со планинарење и алпинизам туку и за сите што сакаат да ги запознаат приказните за луѓето, природата и предизвиците што го обликуваат животот во планинските предели.

 

ИЗДВОЕНИ