Лука Дончиќ приреди вистинско кошаркарско шоу во НБА-лигата, предводејќи ги Лос Анџелес Лејкерс до победа над Јута со 132:123. Словенечкиот ас одигра фантастичен натпревар и уште еднаш покажа дека е подготвен да ја преземе лидерската улога во тимот.

Дончиќ ја заврши средбата со неверојатни 52 поени, 10 асистенции и осум скока, па му недостигаа само два скока за трипл-дабл. Тој погоди 17 од 30 шутови од поле, вклучувајќи осум тројки од 18 обиди, а забележа и две украдени топки.

Одлична поддршка имаше од Остин Ривс, кој додаде 29 поени, додека Лејкерс со оваа победа продолжи со одличниот старт на сезоната. Дончиќ сè посериозно се наметнува како кандидат за МВП-наградата, а неговите настапи покажуваат дека може да биде главната ѕвезда на тимот.

На другата страна од НБА-сцената, Никола Јокиќ повторно блескаше, но по натпреварот беше во центарот на вниманието поради жестоката реакција кон навивачите на Денвер.

Српскиот центар запиша нов трипл-дабл со 35 поени, 15 скока и 10 асистенции, а Нагетс по голем пресврт и продолжение го совладаа Њу Орлеанс со 141:135. Денвер успеа да надомести негатива од дури 23 поени, но во текот на натпреварот дел од домашните навивачи реагираа со свирежи. Тоа воопшто не му се допадна на Јокиќ, кој по средбата испрати остра порака до публиката.

  • Ова е прв натпревар на домашен терен, а некои навивачи ни свиркаат. Не мораат повторно да доаѓаат. Ако нè следите, знаете дека никогаш не се откажуваме. Сме се враќале и од полоши ситуации од оваа. Што се однесува до мене, тие повеќе не се добредојдени, изјави Јокиќ.

Српскиот ас смета дека вистинските навивачи треба да застанат зад тимот и во најтешките моменти, наместо да го критикуваат кога работите не одат според планот.

Така, додека Дончиќ ја воодушевуваше кошаркарската јавност со неверојатен поентерски настап, Јокиќ повторно покажа дека неговите емоции се исто толку силни како и неговата игра. Двете балкански ѕвезди имаа вечер за паметење, но од сосема различни причини.

ИЗДВОЕНИ