Од 9 до 14 јуни ќе се одржи XXV издание на „Неделата на италијанскиот филм – Italian Screens“. Организиран од италијанската амбасада во Скопје, во соработка со Италијанскиот културен институт во Белград и Кинотеката на Македонија, фестивалот е под покровителство на Italian Screens, проект за поддршка на интернационализацијата на италијанскиот аудиовизуелен сектор, чија цел е промовирањето на најдоброто од италијанската филмска продукција во странство и поддршка на италијанската кинематографија за дистрибуција и копродукции. Иницијативата, пак, е осмислена од Роберто Стабиле, раководител на секторот за интернационализацијата при DGCA-MiC/Cinecittà.
-На овогодишното издание ќе бидат прикажани шест од најуспешните филмски остварувања на современата италијанска кинематографија. Проекциите ќе се одржат во Кинотеката и ќе започнуваат во 20:00 часот. Филмовите, сите помеѓу 2024 и 2025 година, се учесници на престижни меѓународни фестивали и добитници на значајни награди и признанија од критиката и јавноста. Темата е „Патување“ што совршено ги обединува насловите во програма е патувањето: интерпретирано во буквална смисла со значење на пат кон родната земја или далеку од неа – но исто така и како визуелно, внатрешно, егзистенцијално, временско или емоционално патување, информираат организаторите.
Неделата италијанскиот филм ќе се отвори на 9 јуни, со „Партенопе“ (2024), најновото ремек-дело на наградуваниот Паоло Сорентино: филм кој претставува единствен склоп на поезија, носталгија и љубов кон Неапол, родниот град на режисерот. Во центарот на наративот се наоѓа Партенопе, независна и антиконформистична жена, со магнетна убавина и вечен порив по знаење. Нејзиното егзистенцијално и симболично патување, обележано со значајни средби, љубови, пријателства и разочарувања, кое е длабоко испреплетено со она на Неапол, прекрасен и декадентен град, колку убав толку и проклет, кој во филмот станува своевиден лик, жив и неуморен.
Следува (на 10 јуни) „Заслепеност“ (2025) од Роберто Андо, кој гледачот го води на патување низ историјата. Филмот е инспириран од кратка и помалку позната приказна напишана од Леонардо Шаша, заснована на маргинална, но вистинита епизода од националното движење за обединување на Италија. На 11 јуни, на програма е филмот „ИзбезУмени“ (2025), најновото дело на Паоло Џеновезе, забавна романтична комедија што ни дава увид во најскриените мисли на двајцата протагонисти, откривајќи ги мистериозните механизми што ги водат нашите постапки и внатрешните конфликти што влијаат на нашите избори. В четврток, 12 јуни, ќе се прикаже, пак, „Неапол – Њујорк“ (2024), новиот филм на оскаровецот Габриеле Салваторес, слободно инспириран од оригинална приказна на Федерико Фелини. Дејството се случува во повоениот период, а долгометражниот филм раскажува за епското патување на две деца кои решаваат да го напуштат Неапол поради желбата за подобар живот во ветувачкиот Њујорк. Следува (13 јуни) „Како големи“ (2025) режисерско деби на Грета Скарано. Основан на автобиографски роман, филмот деликатно и иронично се осврнува на темата за аутизмот, избегнувајќи каква било реторика или форма на патетика.
Проекциите завршуваат на 14 јуни со филмот „Дијаманти“ (2024), новиот кинематографски успех на Ферзан Озпетек, кој ја освои наградата „Давид Ди Донатело од гледачите“ оваа година. Сместен во римска кројачка работилница во 1974, филмот ја раскажува приказната за човечките и работните односи на група жени вклучени во кроењето филмски костими. Преку овој микрокосмос, Озпетек истражува универзални теми како што се борбата против патријархатот, потрагата по идентитет, љубовта и пријателството. Резултатот е хармонично и полицентрично дело кое го слави женското соучесништво и отпорност.
Сите филмови ќе се прикажуваат на оригинален јазик со титлови на македонски и на англиски јазик.