Мик со емотивна исповед откри колку му недостига татко му, легендарниот Михаел Шумахер,  по тешката несреќа на скијање во декември 2013 година. Неговите зборови повторно ја потресоа јавноста, особено поради тоа што и понатаму се чува здравствената состојба на седумкратниот шампион во Формула 1 во најголема тајност.

Мик имаше само 14 години кога се промени неговиот живот засекогаш. Во документарен филм, тој призна дека најмногу жали што не можел да ги сподели со татко си најважните моменти од својата тркачка кариера.

  • Денес татко ми и јас би се разбирале поинаку, бидејќи зборуваме на ист јазик, јазикот на моторспортот. Би имале толку многу работи за кои би можеле да разговараме. Би се откажал од сè, само за да го имам тоа – изјави Мик.

Тој се присети и на безгрижното детство, кога заедно со родителите и со сестра си Џина-Марија поминувале незаборавни моменти, возеле картинг и уживале во семејните активности.

Во документарецот зборува и неговата мајка, Корина, која нагласи дека приватноста отсекогаш била исклучително важна за Михаел. Таа емотивно се присети на нивната љубовна приказна и на песната „Раш, раш“ од Пола Абдул, која ги потсетува на заедничките моменти.

Во меѓувреме, Мик продолжи по стапките на својот татко и изгради сопствена кариера во моторспортот. Тој беше шампион во Формула 3 во 2018 година и во Формула 2 во 2020 година, по што настапуваше во Формула 1 за Хас.

Иако подоцна работеше како резервен возач на Мерцедес и се натпреваруваше во Светскиот шампионат во издржливост, неговата приказна останува обележана од отсуството на татко му.

Семејството Шумахер и понатаму строго ја штити приватноста на Михаел, додека емотивните зборови на неговиот син откриваат колку длабока трага оставила несреќата врз нивните животи.

ИЗДВОЕНИ