Турската естрадна и актерска сцена е потресена од нов бран апсења како дел од широка истрага за злоупотреба и трговија со дрога. Во најновата операција на Одделот за наркотички криминал при Истанбулската полиција, вкупно 22 лица беа приведени, вклучувајќи ја регионално популарната актерка Берен Саат (позната по своите улоги во сериите „Забрането овошје“ и „Изгубена чест“, нејзиниот сопруг и познат пејач Кенан Догулу и неговиот брат, музичкиот аранжер Озан Догулу.
Според Би-Би-Си, операцијата забрзано се шири. Издадени се потерници за неколку други истакнати имиња на турската јавна сцена, вклучувајќи ја пејачката Ајше Хатун Онал, поп-фолк пејачот Бердан Мардини, инфлуенсерот и пејач Керимџан Дурмаз и популарниот актер Енис Арикан.
Ова е втора голема акција против естрадните кругови од страна на турската полиција за краток временски период. Во претходната фаза од операцијата спроведена на 21 мај, популарната кантавторка Мабел Матиз и една од најпознатите турски актерки Серенај Сарикаја беа исто така под скенерот на истражителите, од кои беа земени примероци од крв, коса и урина за анализа за присуство на нелегални супстанции.
Турското законодавство има исклучително рестриктивен и ригорозен пристап кога станува збор за наркотици. Турскиот кривичен законик јасно разликува три категории на кривични дела: употреба, продажба и трговија (шверц) со дрога.
Кривичното дело употреба на дрога вклучува чин на купување, прифаќање, поседување или консумирање наркотици или стимуланси за лична употреба. Ова кривично дело е казниво со затвор од две до пет години, при што судот често наложува мерки за лекување и условно ослободување ако станува збор за прво кривично дело.
Доколку истрагата покаже дека притворените лица на кој било начин посредувале во набавката, продажбата или обезбедувањето простор за консумирање наркотици на други, тие се соочуваат со драстично поригорозни казни кои се движат од 10 до дури 20 години затвор.












