Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека Владата ги презела сите мерки за справување со евентуални пожари сезонава и оти сите три авиони се сервисирани навреме, како и воените возила што минатата година беа пренаменети за справување со пожари. Тој додаде дека со заклучок на Владата, од 1 јули ќе се воведе забрана за движење низ шумите, а општините ги проверуваат капацитетите и евентуалните ризични локации. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во пресрет на летната сезона кога се очекуваат повеќе пожари, ги повика поранешните припадници на полицијата, Армијата и противпожарните единици да се приклучат на Дирекцијата.
– Дојдете, помогнете и заработете 2.150 евра за три месеци во текот на летото, гаснејќи ги пожарите на отворен простор кои претстојат пред нас. Работното време ќе биде приспособено на потребите за справување со пожарите на отворен простор, односно се оди на терен во деновите кога има зголемен обем на пожари и се останува додека има потреба и услови за дејство – апелираат од ДЗС.
Тоа, само по себе, говори дека нема доволно луѓе кои можат да се справат со пламените јазици
Пожарот што во средата попладнето беше предизвикан во Штип, најверојатно од удар на гром, при што била зафатена сува трева, а кој беше успешно изгаснат, повторно го отвори прашањето дали и колку е подготвена државата ова лето да се справи со урбаните и шумските пожари или, пак, ќе поминеме како минатата година.
За среќа, во пожарот што избувна во подрачјето над викенд-населбите Плуждино и Новакова Чешма, кој поради сувата вегетација и временските услови, брзо се проширил кон ридовите над градските гробишта, зафаќајќи тревна површина и нискостеблеста вегетација, нема човечки жртви и изгорени куќи во околните викенд-населби. Но, сепак, претставува сериозно предупредување дека секоја секунда е клучна за спас на екосистемот и човечките животи и дека треба да сме подготвени и навреме да реагираме.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека Владата ги презела сите мерки за справување со евентуални пожари сезонава.
– Сите три авиони се сервисирани навреме, како и воените возила што минатата година беа пренаменети за справување со пожари. Не знам дали денеска конкретно, но до вчера информацијата беше дека се во Загреб – не можеа да полетаат поради временските услови. Очекувам денеска да се стигнати. Направено е комплетно сервисирање на сите воени возила кои ги пренаменивме во возила за борба против огнените стихии – наведе Мицкоски.
Тој додаде дека со заклучок на Владата од, 1 јули ќе се воведе забрана за движење низ шумите, а општините ги проверуваат капацитетите и евентуалните ризични локации.
– Општините добија инструкции преку ЗЕЛС да се проверат сите колективни постапувачи, депонии и слично, дали ги исполнуваат условите, ако не ги исполнуваат, итно да бидат санкционирани. Како Влада, ги презедовме сите мерки, но факт е дека сезоната е таква каква што е, имавме прилично дождлива пролет, имаме голема тревна површина. Сега доаѓаат денови кога ќе се зголемува температурата, таа тревната површина ќе се суши и нормално ќе биде подложена на ваков тип влијание – нагласи изјави Мицкоски.
Повикот на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во пресрет на летната сезона, кога се очекуваат повеќе пожари поради високата температура, до поранешни припадници на полицијата, Армијата и противпожарните единици да се приклучат на Дирекцијата, само уште повеќе упатува на тоа дека нема доволно луѓе кои можат да се справат со пламените јазици.
Ангелов информира дека на единиците на терен им се потребни возачи на специјалните противпожарни возила, 22 пинцгауери, 5 хермелини и 15 БТР пренаменети во противпожарни возила, оператори на противпожарните пумпи вградени на специјалните противпожарни возила и оператори со противпожарни водни ранци и метли.
– Дојдете, помогнете и заработете 2.150 евра за три месеци во текот на летото, гаснејќи ги пожарите на отворен простор кои претстојат пред нас. Работното време ќе биде приспособено на потребите за справување со пожарите на отворен простор, односно се оди на терен во деновите кога има зголемен обем на пожари и се останува додека има потреба и услови за дејство – апелираат од ДЗС.
Ангелов вели дека кандидатите треба да имаат најмалку петгодишно полициско, армиско или пожарникарско искуство, без разлика дали се во пензија или од други причини ги напуштиле овие служби, треба да се здрави и во добра психофизичка кондиција соодветна на возраста. Платата ќе им биде 44.000 денари, а ќе бидат ангажирани на три месеци.
– Ние ќе организираме соодветни здравствени прегледи, основна проверка на нивната психофизичка состојба, кратка и ефективна противпожарна обука, ќе добијат противпожарна униформа и неопходна опрема, а потоа ќе започнат со организирано учество најпрво во полесни и поедноставни пожари, а подоцна и во други пожари каде што ќе има потреба од поддршка на локалните сили, на територијата на Македонија – рече Ангелов.
Претходно, во телевизиско интервју, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, истакна дека кога минатата година дошол на чело на Дирекцијата немало ниту еден функционален авион и имало само еден професионален пилот, но оти во моментов имаат пет пилоти.
– За жал на едниот му беше последен работен ден, ја напушти Дирекцијата (ДЗС), замина за драстично поголема плата во приватна фирма, надвор од државата. Но, во меѓувреме вработив двајца нови пилоти. Еден поранешен воен пилот, поранешен командант на „Воздухопловниот ВИНГ“ (армиски-воено воздухопловство и противвоздушна одбрана), кој има извонредни карактеристики, низа школи, со кој работиме на зајакнување на авиоодделението на Дирекцијата и уште еден пилот, што го вратив, имаше одреден судски спор со Дирекцијата. И во овој момент, ние имаме четворица, би рекол, оперативни пилоти – објасни Ангелов.
Тој наведе дека двајцата нови пилоти, кои успешно ја завршиле обуката во Шпанија, ги направиле своите летови во државата, конкретно со слетувањето на охридскиот аеродром и на Охридско Езеро.
Инаку, во акцијата за гаснење на пожарот што избувна во подрачјето над викенд-населбите Плуждино и Новакова Чешма, во Штип, биле вклучени екипи од повеќе градови. Учествувале 20 пожарникари од Територијалната противпожарна единица Штип со четири возила, 10 членови на Доброволното противпожарно друштво Штип со исто толку возила, како и пожарникари од Кочани и Свети Николе. Поддршка дале и 12 доброволни пожарникари со сопствени теренски возила.
Поради непристапниот терен, во интервенцијата биле користени специјални теренски возила, а пожарот се заканувал да се прошири кон борови појаси, лозови насади и овоштарници во околината.
Густ чад и пламените јазици во текот на вечерта беа видливи од речиси сите делови на Штип, предизвикувајќи загриженост кај граѓаните.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, информираше дека во пожарот нема повредени лица и не се зафатени станбени објекти. Опожареното подрачје било под постојан надзор во текот на ноќта, а надлежните служби вчера требаше да вршат проценка на евентуалната материјална штета и да ги утврдуваат точните причини за избувнувањето на пожарот.
Повторно пожар на депонијата „Краста“, состојбата под контрола
Утринава, повторно имаше пожар на депонијата „Краста“, лоцирана на локалниот пат Куманово – Пчиња.
Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, соопшти дека сега состојбата на депонијата е стабилна и активно се работи на нејзино санирање.
– Во раните утрински часови повторно е дојдено до самоопожарување на јужната страна од депонијата поради ефектот на подземните гасови, но со брза интервенција на дежурните екипи таа е санирана – соопшти Димитриевски.

Од граѓанската иницијатива „Екопчиња“, пак, реагираат дека продолжувањето со депонирање отпад на локација каде што има пожар претставува сериозен ризик за животната средина и здравјето на граѓаните. Тие наведуваат дека ваквиот пристап е неприфатлив и бараат итна интервенција од надлежните институции, инспекциските служби и локалната самоуправа.
Депонијата „Краста“, лоцирана на регионалниот пат Куманово – Пчиња треба да стане претоварна станица, од каде што сметот од Куманово ќе се носи во Свети Николе, преку проект финансиран од ЕУ, во кој се вклучени општини од североисточниот и источниот регион. „Краста“ ќе стане збирна станица на која ќе се селектира отпадот и ќе се транспортира до регионалната депонија.
Депонијата „Краста“ функционира од 1958 година и зафаќа површина од 12, 5 хектари. Тука се складира сметот на градот со над 100.000 жители.
(А. П.)












