„Голиот рид“ е современ кинематографски драма трилер со елементи на хорор-фантазија, кој ја брише линијата меѓу реалноста и имагинацијата. Главната женска улога ја толкува Анастасија Ласовска, а во главните улоги настапуваат и интернационално етаблираните актери Тони Наумовски и Симеон Дамевски-Мони, заедно со Зоран Љутков, Стефан Вујисиќ, Филип Трајковиќ, Даниела Иванoска, Адем Карага, Златко Митрески, Александар Микиќ, Гоце Андонов, како и други популарни млади актери
Во околината на Скопје падна првата клапа на македонскиот игран филм „Голиот рид“ во режија на Игор Алексов.

„Голиот рид“ е современ кинематографски драма трилер со елементи на хорор-фантазија, кој ја брише линијата меѓу реалноста и имагинацијата. Приказната го следи враќањето на една мистериозна жена во нејзината родна куќа, за погребот на татко ѝ, по што ненадеен бран морничави смртни случаи меѓу локалната елита го принудува циничниот инспектор да открие застрашувачка тајна закопана цели 15 години на голиот рид.
Сценариото го потпишуваат авторите Гоце Цветановски и Александар Русјаков.
Филмот е во продукција на македонската продукциска куќа „Сити стар продукција“, а меѓународната копродукција е на „Он Брос“ од Косово и „Ред продакшн“ од Србија. Филмот е финансиски поддржан од македонската Агенција за филм.
Според продукцијата, „Голиот рид“ е трилер што го става акцентот на напнатата атмосфера, психолошката длабочина на ликовите и на современиот визуелен пристап. Актерската екипа, велат, создава вистинска синергија од водечките имиња на домашната, регионалната и на меѓународната сцена.
Главната женска улога ја толкува Анастасија Ласовска, а во главните улоги настапуваат и интернационално етаблираните актери Тони Наумовски и Симеон Дамевски-Мони, заедно со Зоран Љутков, Стефан Вујисиќ, Филип Трајковиќ, Даниела Иванoска, Адем Карага, Златко Митрески, Александар Микиќ, Гоце Андонов, како и други популарни млади актери.

Снимањето на филмот ќе се одвива на неколку внимателно избрани локации во Скопје и неговата околина, во следниот период, а подготовката за снимањето, кастингот и изборот на локациите се одвиваше лани во декември.
Инаку, Игор Алексов е автор на меѓународно признатиот филм „Лена и Владимир“, кој освои дури 96 награди и 46 номинации на престижните светски фестивали.
– Со својата уметничка визија, Алексов се впушта во создавање нов, мистериозен трилер – посочуваат од продуцентската куќа, додавајќи дека проектот претставува уште еден значаен чекор во развојот на македонската филмска продукција и во афирмацијата на жанровскиот филм.
Од продукцијата ги најавуваат премиерата и почнувањето на фестивалскиот живот на „Голиот рид“ за следната година.












