– Сакаме да направиме фестивал што Скопје, ние, публиката, филмаџиите го заслужуваме, и Европа да види дека и ние можеме да бидеме дел од европското семејство, рече директорот на Скопскиот филмски фестивал, Томи Салковски, кој го прогласи за отворено годинашното 26. издание. На полските режисери Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, на свеченоста на отворањето на фестивалот, што се возобнови по неколкугодишна пауза, првпат им беше врачена фестивалската награда „Златна Скополија“ за исклучителен придонес кон светската кинематографија
Со проекција на филмот „Идиот(и)“ на режисерката Малгоржата Шумовска и снимателот и режисер Михал Енглерт, вчеравечер, во Македонскиот народен театар започна 26. издание на Скопскиот филмски фестивал, кој се возобнови по неколкугодишна пауза.
Фестивалот за отворен го прогласи директорот на Скопскиот филмски фестивал, Томи Салковски.

„Ова е само почеток, ова е еден темел од она што сакаме да го направиме. Ние имаме повеќегодишен план за да го етаблираме фестивалот и да биде дел од европското семејство. Сакаме да направиме фестивал што Скопје, ние, публиката, филмаџиите го заслужуваме, и да види Европа дека можеме и ние да бидеме дел од европското семејство“, рече Салковски обраќајќи ѝ се на публиката во МНТ.
На полските автори Шумовска и Енглерт, на свеченоста на отворањето на фестивалот, првпат им беше врачена фестивалската награда „Златна Скополија“ за исклучителен придонес кон светската кинематографија. Наградата оддава признание на реткото и извонредно уметничко партнерство на Шумовска и Енглерт и ја слави нивната заедничка креативна визија и исклучителниот придонес кон јазикот и еволуцијата на филмот.

Заблагодарувајќи се за наградата, режисерката Шумовска рече дека ова е прва награда што ја добиваат како режисерско дуо, иако подолго време работат и креираат заедно.
– Навистина сме почестени. Ова е, на некој начин, сон, бидејќи ова е прва награда што ја добиваме заедно како режисерско дуо, иако снимаме филмови заедно веќе многу години и се етаблиравме, исто така, пред многу години. Многу сме среќни и оваа награда веројатно ќе нѐ охрабри да правиме уште повеќе работи, а секој филм е отворање и споделување на делови од нашите срца со вас, рече Шумовска. Додаде и дека е возбудена што дошла во Македонија.
– Ова е неверојатна дестинација, нешто многу поразлично од останатите, прекрасно, многу динамично, и тоа се места што навистина ги сакам и им се воодушевувам, рече таа.
На свеченоста се обрати и кураторот на фестивалот Никола Никитин, кој истакна дека главната натпреварувачка програма насловена „Дијалози“ вклучува 8 истакнати меѓународни филмови.
– Филмовите доаѓаат од различни филмски култури од целиот свет, специфични традиции и социјални реалности, но делата споделуваат волја да ги предизвикаат очекувањата, да се соочат со непријатните вистини и да ги истражат сложеностите на нашиот современ свет, рече Никитин.

Пред публиката беа претставени и членовите на меѓународното жири: македонска актерка и продуцентка Лабина Митевска, англискиот филмски продуцент и режисер Стив Абот, српскиот режисер Павле Вучковиќ, македонскиот режисер Даријан Пејовски и германската филмска селекторка Даниела Вебер, кои заедно ќе одлучуваат за наградите во главната натпреварувачка програма.

Неа ја сочинуваат, пак, следниве филмови: американско-канадскиот „Тинејџерски секс и смрт во кампот Мијазма“ во режија на Џејн Шенбрун, италијанско-француско-белгиската продукција „Спирала“ на Паоло Стриполи, бразилско-францускиот „Изабел“ на Гејб Клингер, норвешко-ирачкиот „Нема рај ако ти убие жена“ на Халкавт Мустафа, францускиот „Отфрлен“ на Вансан Гаренк, унгарскиот „Чувство на дом“ на Габор Холтаи, германско-францускиот „Мизерна мајка“ на Зузане Хајнрих и филипинско-француско-тајванскиот „Тивки ноќи“ на Лоренс Фажардо.
Помеѓу специјалните гости на церемонијата беше и режисерот и продуцент, Драган Бјелогрлиќ. Фестивалската програма започна на црвениот тепих пред МНТ, каде што се појавија филмски автори, актери, гости од странство и истакнати културно-уметнички дејци. На почетокот, за публиката беше изведен и музичко-сценски перформанс со оперската пејачка Билјана Јосифов и балетски уметници.

Полскиот филм „Идиот(и)“ на режисеркото дуо Шумовска и Енглерт, годинашните добитници на наградата „Златна Скополија“, пак, наменет за филмски сладокусци, само ја заокружи пријатната фестивалска вечер. Остварувањето е базирано на книгата на Андреј Д. Кауфман, а улогите ги толкуваат: Ејми Лу Вуд, Џони Флин, Вики Крипс, Кристијан Фридел. Филмот се фокусира на Фјодор и Ана Достоевски и нивниот престој во Баден-Баден, Германија, за време на нивниот меден месец, кога Фјодор ги губи сите пари на коцка, а Ана ги заложува личните работи за да ги врати неговите коцкарски долгови. Нивната врска е прикажана преку една сатирична, неконвенционална и апсурдна призма, со карикатурален приказ на големиот руски писател. Истакнати, со доза хумор, се неговите суета, страст, неурамнотеженост, коцкарската зависност, како и нападите на епилепсија наспроти нејзината организираност и прагматичност. Всушност, филмот има за цел да ја прикаже трансформацијата на Ана Достоевска од млада стенографка до првата жена издавач во Русија. Режисерите не ја изоставуваат и нетрпеливоста и идеолошкото несогласување помеѓу двајцата руски писатели, Достоевски и Тургењев. Во тој хаос, од сиромаштија, преселби, лични загуби, се создава уште едно ремек-дело, романот „Идиот“. (Н. И. Т.)












