Два случаи на пукање на свадбени веселби за само една недела во Полошкиот Регион. Пукањето и натаму останува опасна практика, особено во летниот период, кога се враќаат нашите државјани што живеат и работат во странство.
Последниот случај е од Тетовско, каде што е приведен 60-годишен жител на Боговиње откако, според МВР, пукал на семејна веселба, а еден од испуканите куршуми го оштетил покривот на куќа во соседното село, Синичане. При претрес во неговиот дом биле пронајдени три чаури од пиштол калибар 9 милиметри и две чаури од гасен пиштол, додека во дворот на друго лице биле најдени дополнителни чаури од гасен пиштол.
Минатата недела, Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против четворица млади жители на селото Добри Дол. Осомничени се дека, на свадбена веселба, пукале во воздух со три пиштоли и пушка, со што ги довеле во опасност присутните. Видеото од однесувањето го објавија на социјалните мрежи.
И статистиката покажува дека нелегалното оружје останува сериозен безбедносен предизвик. Според последниот извештај на МВР од пред две години, биле откриени 201 кривично дело за недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи, што е зголемување од 11,7 проценти во споредба со претходната година. Кривично биле пријавени 225 сторители, а биле запленети 292 парчиња оружје, меѓу кои 109 пиштоли, два гасни пиштоли и пет пиштоли за звучна и светлосна сигнализација. Само на подрачјето на СВР Тетово биле евидентирани 21 вакво кривично дело, што претставува раст од 23,5 проценти во однос на претходната година.
Регионалните податоци дополнително ја потврдуваат сериозноста на проблемот. Според SEESAC, регионална иницијатива на УНДП, и Регионалниот совет за соработка за контрола на малото и лесното оружје, во периодот од 2019 до 2024 година, на Западен Балкан загинале повеќе од 30 лица, а над 230 биле повредени при пукање на веселби. Анализите покажуваат и дека околу 77 проценти од оружјето употребено во ваквите инциденти било нелегално, додека по пиштолите, најчесто биле користени гасни и сигнални пиштоли.
Социологот Илија Ацески смета дека не треба да се бара објаснувањето само во традицијата.
– Постои едно наследство, во смисла дека кога влегува некој во брак, треба да се прослави и да се чуе надалеку. Тоа останало во колективната меморија. Денес живееме во модерно време и употребата на оружје е неусогласена со современите стандарди. Се загубило вистинското значење, а останала потребата семејствата да се покажат, сите да ги чујат – вели Ацески.
Според него, уште позагрижувачки е што и младите го прифаќаат ваквиот модел.
– Тие не се толку традиционални, но овој чин го прифаќаат како нормален начин да се покажат. Ако не употребам оружје, ќе ме сметаат за помалку вреден. Потребни се санкции, затоа што тоа постепено станува прифатено однесување – додава тој.
Токму тоа го потврдуваат и анализите на УНДП и на SEESAC. Тие укажуваат дека пукањето на веселби одамна не е прашање само на традицијата туку и на општествените модели на однесување. Кај дел од сторителите, особено кај младите мажи, оружјето се користи како средство за демонстрација на статус, моќ и мажественост пред околината. Наместо симбол на славење, истрелот станува начин да се привлече внимание и да се испрати порака за престиж. Во исто време, експертите посочуваат дека традиционалното оправдување сè помалку држи. Некогаш пукањето служело како начин да се објави свадба или раѓање дете во време кога немало современи средства за комуникација. Денес таа функција е целосно загубена, а задржан е само ризичниот обичај, кој дополнително е поттикнат од достапноста на нелегалното оружје.
Со години се повторува пукањето под превезот на традицијата, без силна јавна осуда, па ваквиот чин создава впечаток кај дел од граѓаните дека е нормален дел од прославата. Но, секој испукан куршум, без разлика дали е од нелегален пиштол, ловечка пушка или гасно оружје, може да заврши во туѓ дом или да погоди случаен минувач. (П. А.)












