Во оваа фаза, мозаикот е откриен само по периферниот дел од истражуваната површина, а конечните резултати ќе овозможат попрецизни сознанија за неговиот обем, зачуваноста и за архитектонскиот контекст. Наодите претставуваат значајна основа за понатамошно проучување на локалитетот и на неговото место во доцноантичкиот археолошки пејзаж на Скопската Котлина, посочуваат од Општина Кисела Вода
Археолошките истражувања на локалитетот Пеленица кај Драчево резултираа со откривање полихромен мозаик изработен во техниката opus tessellatum, како и керамички материјал и монета што потекнуваат од доцноантичкиот период. Овие истражувања, кои сега привршуваат, почнаа од страна на Националниот археолошки музеј на 28 октомври, со цел да се проверат податоците од пред околу 90 години за постоење мозаичен под во кружна просторија.
– Во оваа фаза, мозаикот е откриен само по периферниот дел од истражуваната површина, а конечните резултати ќе овозможат попрецизни сознанија за неговиот обем, зачуваноста и за архитектонскиот контекст. Наодите претставуваат значајна основа за понатамошно проучување на локалитетот и на неговото место во доцноантичкиот археолошки пејзаж на Скопската Котлина – велат од Општина Кисела Вода.
Локалитетот денеска го посети градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, заедно со директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, и со пратеничката и етномузиколог Велика Стојкова-Серафимовска. Тие извршија увид во археолошките ископувања на локалитетот, кои почнаа пред неколку месеци, како иницијатива за создавање културно-историско-археолошка карта на најстарата скопска општина.

Истражувањата се реализираат со целосна финансиска поддршка од Општина Кисела Вода и со поддршка од црквата „Свети Спас“ во Драчево, а во соработка со НУ Конзерваторски центар – Скопје.
– Она што го најавивме пред неколку месеци, како наша визија системски да го истражиме, заштитиме и промовираме културното богатство на Кисела Вода, денес овде, на локалитетот Пеленица, станува видливо на дело и добива своја конкретна потврда. Особено ме радува што ја потврдивме локацијата на мозаикот за кој постоеле само записи стари речиси 90 години. Ова докажува колку голем и неистражен историски потенцијал лежи на нашата територија. Сите овие податоци и пронајдоци ќе бидат основата за нашата културно-историска мапа на Кисела Вода, ќе бидат дигитализирани и достапни за граѓаните, што е клучен чекор за развој на културниот туризам и за позиционирање на Кисела Вода како значајна културна точка – истакна Стаменкоска-Трајкоска.
Директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, пак, посочи дека пред речиси 90 години биле забележани информации за постоење мозаик на ова место.
– Денес, благодарение на археолошките истражувања, имаме материјална потврда за тие податоци. Ова е уште еден показател колку археолошки потенцијал останува неистражен, дури и во непосредната околина на Скопје. Но, покрај научните резултати, сакам особено да истакнам нешто што сметам дека заслужува внимание. Општина Кисела Вода е еден од ретките примери на локална самоуправа што целосно финансира археолошки истражувања. Ова не е само финансиска поддршка на еден проект туку и конкретна инвестиција во познавањето, заштитата и во идното вреднување на сопственото културно наследство. Сметам дека ваквиот пристап треба да биде пример и за другите градоначалници. Културното наследство не е исклучиво обврска на државните институции. Тоа е ресурс што може да придонесе за локалниот развој, културниот туризам, образованието и за препознатливоста на општините. Но, за да се искористи тој потенцијал, најнапред мора да се истражи, научно да се документира и соодветно да се заштити. Националниот археолошки музеј, како матична институција за археологијата, располага со стручни и научни капацитети за реализација на вакви проекти на целата територија на државата. Археолошките истражувања се наша основна дејност, утврдена со закон. Верувам дека ова е почеток на едно посеопфатно истражување на Пеленица и дека резултатите ќе отворат нови можности за заштита и презентација на овој локалитет – истакна Манаскова.

По завршувањето на археолошките ископувања, планирано е спроведување геофизички истражувања во дворот на манастирскиот комплекс, со цел да се утврди евентуалното постоење на други, досега неистражени архитектонски остатоци. Воедно, од наредната година се планира почнување со конзерваторски зафати од страна на Конзерваторскиот центар – Скопје, со цел соодветна заштита и зачувување на откриените остатоци.
Раководител на археолошките истражувања е м-р Радомир Ивановиќ, виш кустос во Националниот археолошки музеј. Во стручниот тим учествуваат Мартин Гиевски, Филип Аџиевски, м-р Трајан Зафировски и Бојко Стојановски од Националниот археолошки музеј, Никола Веселинов од Конзерваторскиот центар – Скопје и д-р Христијан Талевски од Институтот за старословенска култура – Прилеп.












