петок, ноември 6, 2026
Дома КУЛТУРА Премиерно прикажан филмот „17“ на 26. Скопски филмски фестивал/ФОТОГАЛЕРИЈА од црвен тепих

Премиерно прикажан филмот „17“ на 26. Скопски филмски фестивал/ФОТОГАЛЕРИЈА од црвен тепих

60
Фото: П. Стојановски

Скопската публика, вечерва во Македонскиот народен театар (МНТ), со силен и долг аплауз го награди филмот „17“ на Косара Митиќ, кој ја имаше својата македонска премиера во рамки на 26. Скопски филмски фестивал.

Филмот кој е инспириран од вистински настан, и ја следи Сара, која се обидува да ја скрие својата бременост од своите соученици во текот на својата матурска екскурзија, никого не остави рамнодушен.

Суров, вознемирувачки, реален. Загрижува и опоменува.

Темата за сексуалното насилство кај младите ја претставува преку главната протагонистка, средношколката Сара, ставајќи ја во фокус нејзината лична борба со себеси, со соучениците, родителите, целото општетство. Филмот ни дава и приказ за современата генерација млади луѓе кои што ги изгубиле сите морални вредности, но и за “слепилото“ на родителите и наставниците кои не забележуваат што навистина се случува со децата.

-Многу сум среќна што „17“ е конечно дома. Овој филм им припаѓа на оние коишто го создадоа, на моите глумци, на мојата екипа, бескрајно им благодарам за тоа што целосно се вложија. Им благодарам и на сите оние коишто веруваа во „17“ уште од самиот почеток, рече режисерката Митиќ на премиерата.

Екипата на филмот по проекцијата се поклони пред публиката во МНТ.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Ева Костиќ, која е маестрална во својата изведба како Сара, како и Мартина Даниловска, Петар Маниќ и Ана Стојановска. Продуцент е Томи Салковски, кинематографер Наум Доксевски, сценографијата е на Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф е Жаклина Крстевска, а монтажер – Владимир Павловски. Во другите улоги настапуваат: Ева Стојчевска, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Симеон Дамевски.

Режисерката Митиќ сценарио го потпишува заедно со хрватскиот режисер и сценарист, Огњен Свиличиќ. Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, во продукција на „Црна мачка“.

Својата светска премиера „17“ ја имаше во рамките на селекцијата „Перспективи“ на годинашниот 76. Берлински филмски фестивал, а оттогаш се прикажа на повеќе фестивали и се закити со значајни награди.

Долгометражаното деби на Митиќ е македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата за Најдобар меѓународен игран филм.

Од 6 ноември, остварувањето ќе може да се види и на редовниот репертоар во „Синеплекс“ во Скопје.

ИЗДВОЕНИ