Годинашното отворање ќе остане запаметено како едно од најимпресивните во постоењето на фестивалот, бидејќи првпат публиката имаше можност да проследи премиерна изведба на две оперски ремек-дела на Џакомо Пучини – „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“. – „Мајски оперски вечери“ е фестивал чии експлозивност, оригиналност и автентичност веќе 54 години се привилегија само и единствено на македонската културна средина – кажа, меѓу другото, на отворањето на фестивалот генералниот директор на Националната опера и балет, Оливер Арсовски
Во свечена атмосфера, со традиционалното палење на фестивалскиот оган, кое годинава го направи нашата светски реномирана оперска дива, Ана Дурловски, со многу емоции на сцената, со бурни аплаузи и со воодушевување од публиката на 9 мај почна 54. издание на „Мајските оперски вечери“. Годинашното отворање ќе остане запаметено како едно од најимпресивните во постоењето на фестивалот, бидејќи првпат публиката имаше можност да проследи премиерна изведба на две оперски ремек-дела на Џакомо Пучини – „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“.

– „Мајски оперски вечери“ е фестивал чии експлозивност, оригиналност и автентичност веќе 54 години се привилегија само и единствено на македонската културна средина, издвојувајќи ја со тоа од другите во регионот и пошироко.
И годинава на нашата фестивалска сцена повторно ќе се судрат креативните изблици на македонските уметници и на гостите од странство, интернационални солисти што настапуваат на големи сцени. Повторно ќе прострујат бравурозни изведби, кои уште еднаш ќе изнудат големи аплаузи. Уште со самото вечерашно отворање подготвивме нешто несекојдневно и различно. Две претстави во една вечер, две спротивности од еден автор, првпат во Македонија: „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“. А потоа, во текот на целиот месец, најголемите бисери на оперската уметност: „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Травијата“ и „Набуко“, како и балетскиот класик „Лебедово езеро“ – кажа на вчерашното отворање на фестивалот генералниот директор на Националната опера и балет, Оливер Арсовски.

А, присутните завчеравечер уживаа во магичната вечер исполнета со врвна уметност, драматични сцени, многу емоции, извонредна енергија и музичка интерпретација. Публиката ги проследи маестралните настапи на интернационалните, но и на домашните солисти, кои беа дел од двете приказни, кои со силна емоција и сценска атрактивност создадоа вистинска оперска магија.

Особено внимание предизвикаа блескавите интерпретации на Валентина Бои од Италија, која го толкуваше главниот лик во „Сестра Анџелика“, и на Роберто де Кандија како Џани Скики, кои беа наградени со долготрајни овации. Впечатлива беше и изведбата на нашата Ана Дурловски, како и на Бенедета Мазето (Италија), Гуо Ѕ Жао од Кина, но и на сите други учесници во двете опери, што придонесе оваа вечер долго да ѝ остане во сеќавање на публиката.

Под диригентска палка на Џанлука Мартиненги (Италија), оркестарот и хорот на Македонска опера и балет звучеа моќно и беспрекорно. Режисерскиот концепт на Пјер Франческо Маестрини од Италија придонесе за драмска длабочина, додека раскошната сценографија на Гилермо Нова од Шпанија и костимите на Кристина Ачети од Италија ја надополнија целата атмосфера.

Фестивалот и оваа година потврди дека е еден од најзначајните културни настани во земјава и симбол на уметничката извонредност.
„Риголето“ – музичка драма што остава без здив
На сцената на Македонската опера и балет, на 13 мај (20:00 ч.), во рамките на 54. „Мајски оперски вечери“ ќе биде изведена операта „Риголето“ од Џузепе Верди. Диригент е Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата ја потпишува Гилермо Нова (Шпанија), костимограф е Кристина Ачети (Италија), кореограф Саша Евтимова, хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ, а концерт-мајстор – Јане Бакевски.
Насловната улога, Риголето, ќе ја толкува гостинот од Италија, Даниеле Луис де Висенте, Ана Дурловски ќе настапи во улогата на Џилда, Дашуаи Чен (Кина) ќе го толкува Војводата од Мантова, а во улогата на Спарафучил ќе настапи Владимир Саздовски. На сцената ќе ги видиме и: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Риголето“ е длабока и возбудлива драма за човечката природа, која силно и емотивно ги открива темните страни на страста, моќта и на моралот. (Д. Т.)











