Жителите на населеното место Долно Коњари добија нов мултифункционален спортски центар, кој денеска го пуштија во употреба министерот за спорт, Борко Ристовски, и градоначалникот на Петровец, Борче Митевски.
Овој проект е реализиран во рамките на програмата на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава. Со оваа инвестиција, жителите на Долно Коњари, особено младите, добија уреден спортски простор со терени за фудбал, ракомет и за кошарка, опремени со соодветни реквизити.
Министерот Ристовски истакна дека вложувањето во спортската инфраструктура е важна основа за развој на спортот во сите средини и за поголема достапност на спортот за младата популација.
– Овој простор треба да се чува и да биде место каде што младите ќе спортуваат и ќе се учат на позитивните вредности што ги носи спортот. Тоа е простор наменет за сите граѓани и сите треба да се однесуваат одговорно кон ваквите објекти за да останат во функција и да бидат од корист за целата заедница – рече Ристовски.
Министерството за спорт го реализираше овој проект во соработка со Општина Петровец.












