Новата авиолинија ќе овозможи побрзо и полесно поврзување меѓу двете држави, со очекувања за зголемен туристички и деловен сообраќај. Од словачката амбасада оценуваат дека директниот лет ќе придонесе за продлабочување на билатералните односи и за поголема размена меѓу граѓаните. Линијата треба да им овозможи на македонските туристи полесно да ја посетат Словачка, а на словачките посетители да ги откријат природните и културните богатства на Охрид

 

Од 17 март, ќе започне нова директна авиолинија меѓу Охрид и Братислава, со што Македонија и Словачка ќе добијат нова воздушна врска што треба да придонесе за поголема туристичка и економска соработка меѓу двете држави.

Од Амбасадата на Словачка во земјава, соопштија дека воспоставувањето на директниот лет претставува значаен чекор кон продлабочување на контактите и на  билатералните односи. Според нив, новата авиолинија ќе овозможи полесно поврзување меѓу граѓаните, но и нови можности за соработка во туризмот и во бизнисот.

– Отворањето на директната авиолинија е уште еден чекор напред кон зајакнување на контактите меѓу нашите две држави, пред сè, во туризмот и во бизнисот. Веруваме дека тоа ќе придонесе за натамошно јакнење на соработката и на пријателските односи меѓу Словачка и Северна Македонија – се наведува во објавата на „Фејсбук“ на словачката амбасада.

Оттаму посочуваат дека новата линија отвора нови можности за македонските туристи кои ќе можат полесно да ги посетат Братислава и Словачка, да ги запознаат нејзините историски градови, природните убавини, културата и гастрономијата.

Истовремено, новата авиоврска ќе им овозможи и на посетителите од Словачка полесно да ги откријат туристичките атракции на Охрид и неговото уникатно езеро, кое се смета за едно од најзначајните природни и културни богатства во регионот.

Воведувањето на новата авиолинија беше најавено пред околу два месеци на средба во Скопје меѓу министерот за транспорт, Александар Николоски, и словачката амбасадорка во земјава, Ивета Хрицова. Тогаш Николоски истакна дека Владата посветува посебно внимание на развојот на авиосообраќајот, нагласувајќи дека воспоставувањето на оваа линија ќе придонесе за поголемо економско поврзување меѓу двете држави.

 

ИЗДВОЕНИ