сабота, јули 4, 2026
Дома СКОПСКА Отворен едукативно-терапевтскиот центар „Ајнштајн“ 

Отворен едукативно-терапевтскиот центар „Ајнштајн“ 

79

Денеска започна со работа новиот едукативно-терапевтски центар „Ајнштајн“, кој се наоѓа во населбата Црниче. Овој центар нуди нова, современа и специјализирана социјална услуга, наменета за индивидуална работа со децата и младите со различни развојни и интелектуални тешкотии, специфични тешкотии во учењето и говорно-јазични тешкотии. Центарот ќе нуди секојдневна поддршка, преку логопедски и дефектолошки третмани. Услугата е целосно бесплатна, а ќе ја добиваат децата што поседуваат соодветна медицинска документација, согласно со меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).

Новата социјална услуга е воспоставена токму преку соработката меѓу Општина Кисела Вода и Здружението „Ајнштајн“ како даватели на грант, а во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за социјална политика, демографија и млади, поддржан од Светската банка.

Градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска истакна дека со ова се решава голем проблем за семејствата што имаат потреба од ваков вид стручна помош, а притоа се потпиша и важен меморандум за наставниот кадар во Општината.

– Центарот ќе нуди секојдневна поддршка, логопедски и дефектолошки третмани за децата со развојни, интелектуални и говорни тешкотии. Исклучително важно е што овие стручни третмани ќе бидат бесплатни и целосно достапни за децата од социјално ранливите семејства, кои вообичаено немаат можност за приватни услуги – изјави Стаменкоска-Трајкоска.

Истовремено, Општина Кисела Вода и  Здружението „Ајнштајн“ потпишаа меморандум за соработка за спроведување на Еразмус+ проектот „DysAcademy“.

– Со оваа соработка, во директно партнерство со нашите основни училишта, обезбедуваме бесплатен пристап до оваа регионална онлајн едукативна платформа за наставниот кадар од сите училишта на територијата на Кисела Вода. На овој начин, покрај бесплатните третмани за учениците, ние системски им овозможуваме на наставниците и на стручните соработници конкретни алатки и обуки за препознавање и работа со децата што се соочуваат со дислексија, дисграфија или ADHD. Овие чекори овозможуваат конкретна поддршка на локално ниво, и за децата и за образовниот систем – објасни Стаменкоска-Трајкоска.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, потсети дека ова е втор ваков наменски дневен центар што се отвора на територијата на Кисела Вода, во текот на само една недела.

– Така треба и да продолжиме, со заедничка соработка на општинската и на централната власт. Министерството обезбедува поддршка за вкупно 98 управни договори, кои се склучени оваа година токму за ваква намена: дневен престој за дечињата, поддршка на асистентите, лични асистенти за старите лица и дневен престој за старите лица. Ова се проекти што директно се финансирани од Министерството, како услуги што ги даваме и како продолжена рака на овие луѓе што навистина знаат како да ги згрижат дечињата на современ, модерен начин и тоа е навистина успех за сите нас во државата. Овие дечиња навистина заслужуваат шанса да го изразат својот потенцијал на најдобар начин токму тука – наведе Велковски.

ИЗДВОЕНИ