недела, ноември 22, 2026
Дома СВЕТ Во година одбележана со разорни последици од глобалното затоплување: Зошто преговорите за...

Во година одбележана со разорни последици од глобалното затоплување: Зошто преговорите за климата во Турција завршија без косензус за договор?

0
Фото: EPA/ANTONIO BAT

Австралија, која раководеше со преговорите, и Турција, како земја домаќин, претставија неколку нацрт-текстови во обид да се најде компромис помеѓу потребите на земјите што се најранливи на климатските промени и интересите на државите чии економии зависат од производството или потрошувачката на фосилни горива.

Преговорите за климата под покровителство на Обединетите нации (ОН) денеска западнаа во хаос, откако Турција и Австралија – кои претседаваа со конференцијата COP31 – не успеаја да постигнат консензус за договор за унапредување на борбата против климатските промени. Европската унија (ЕУ) и други делегации го отфрлија финалниот нацрт-текст, пренесува новинската агенција „Ројтерс“.

По повеќе од две недели преговори – кои требаше да завршат во петокот, но се одолговлекоа длабоко во викендот – претседавачот со COP31, Мурат Курум од Турција, на завршната пленарна седница објави дека договорот не е усвоен.

„Јасно е дека во оваа сала има страни кои се противат на овој текст. Констатираме дека не постои консензус за овој документ. Следствено, овие одлуки не се усвоени“, изјави Курум.

Преговорите пропаднаа во година во која најразорните последици од глобалното затоплување – како што се екстремните топлотни бранови во Европа и поплавите предизвикани од топењето на глечерите во Непал – останаа во сенка на војните и незадоволството на јавноста поради наглиот пораст на трошоците за живот.

Последниот голем неуспех на преговорите за климата под покровителство на ОН се случи во Копенхаген во 2009 година, кога земјите не успеаја да постигнат консензус за усвојување на Договорот од Копенхаген – што претставуваше неуспех за мултилатералната климатска дипломатија.

Австралија, која раководеше со преговорите, и Турција, како земја домаќин, претставија неколку нацрт-текстови во обид да се најде компромис помеѓу потребите на земјите што се најранливи на климатските промени и интересите на државите чии економии зависат од производството или потрошувачката на фосилни горива.

За првпат, во текстот се признава дека глобалното затоплување се движи кон надминување на прагот од 1,5 степени Целзиусови – граница што земјите се обидуваа да не ја пречекорат – и се повикува на забрзан развој на технологии за отстранување на јаглеродот од атмосферата, со цел долгорочно да се поништи ова пречекорување. Сепак, обидот за обезбедување консензус не успеа, а критичарите тврдат дека текстот немал доволна амбиција, објавува „Ројтерс“.

Процесот COP служи како примарен механизам преку кој земјите ги координираат своите напори за борба против глобалното затоплување. Годишната конференција се смета за витална можност земјите да ја покажат својата подготвеност да работат заедно за да најдат решенија и да финансираат одговори на бројните предизвици предизвикани од зголемувањето на температурите.

Иако претставува сериозен удар врз напорите за зајакнување на меѓународната акција, неуспехот да се постигне договор за политичка декларација во Анталија не ги поништува обврските преземени на претходните конференции, ниту ги демонтира техничките и правните рамки што ја регулираат мултилатералната борба против климатските промени.

ИЗДВОЕНИ