Во свечена и емотивна атмосфера, исполнета со гордост и сеќавања, денеска, во Младинскиот културен центар беше одбележан големиот јубилеј – 190 години од основањето на првото училиште во Македонија, „Свети Кирил и Методиј“. Настанот ги обедини учениците, родителите, наставниците и поранешните вработени, кои заедно го прославија образовното наследство што ова училиште го градело низ речиси два века. Во рамките на церемонијата беше промовирана монографија – 190 приказни за ООУ „Свети Кирил и Методиј“ и имаше премиера на документарниот филм „И јас сум од Кирил“, кои ги доловуваат богатата историја, традицијата и значењето на училиштето во македонскиот образовен развој. Освен тоа, беше промовирана новата модерна химна на училиштето, која ја испеаја учениците членови на хорот

Во свечена и емотивна атмосфера, исполнета со гордост и сеќавања, денеска, во Младинскиот културен центар беше одбележан големиот јубилеј – 190 години од основањето на првото училиште во Македонија, „Свети Кирил и Методиј“. Настанот ги обедини учениците, родителите, наставниците и поранешните вработени, кои заедно го прославија образовното наследство што ова училиште го градело низ речиси два века.
Во рамките на церемонијата беше промовирана монографија – 190 приказни за ООУ „Свети Кирил и Методиј“ и имаше премиера на документарниот филм „И јас сум од Кирил“, кои ја доловуваат богатата историја, традицијата и значењето на училиштето во македонскиот образовен развој. Освен тоа, беше промовирана новата модерна химна на училиштето, која ја испеаја учениците членови на хорот.

Директорката на ова училиште, Соња Кирковска, горда на постигнатото во речиси дводецениското постоење, во своето обраќање потенцираше дека успесите се резултат на напорна работа, која на крајот резултирала со нова химна, документарен филм и со монографија.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го истакна чувството на гордост што пулсира ова училиште во срцето на Општината.
– Ова училиште е пример за заедништво и сплотеност, но е и дом на знаење и вредности. Затоа верувам во успешна и сигурна иднина – нагласи Герасимовски.

Она што предизвика бура од емоции беше документарниот филм „И јас сум од Кирил“, во кој поранешни и сегашни наставници и ученици ги споделуваат првите впечатоци од доаѓањето во ова училиште, нагласувајќи ги другарството, заедништвото, но и постоењето работна дисциплина, како и гордоста дека се ученици на ова училиште што важи за најдобрите и која, како што велат, трае до денес.
Меѓу поранешните ученици што беа присутни на свеченоста беше и познатиот актер Ѓокица Лукаревски, кој, меѓу другото, истакна дека ова не е само историја на едно училиште туку и историја на градот и историја на Македонија.
На заслужните за монографијата, за документарниот филм и за новата химна им беа доделени благодарници, а свеченоста заврши со разгледување на изложбата „Пајко Маало – духот на традицијата и културата“ во холот на Младинскиот културен центар.

Во последните три децении, ООУ „Свети Кирил и Методиј“ се профилира како лидер во образовните иновации, успешно спојувајќи ја традицијата со дигиталната ера. Клучен столб на овој развој е спроведувањето на меѓународната IB-програма (2013–2017), која воведе истражувачки модел на учење и постави високи академски стандарди. Современиот лик на училиштето денес го надополнуваат дигиталната библиотека и STEM-центарот преку лего-клубот, каде што теоријата добива практична примена низ креативноста и тимската работа. На полето на културното наследство, иновативниот проект „Бабини игри“ го потврди својот светски квалитет. Овој модел го освои првото место на светската Олимпијада во Москва во 2011 година, а веднаш потоа беше високо награден и на светскиот форум во Вашингтон, етаблирајќи го училиштето на глобалната мапа на иноватори. Низ годините, училиштето опстојува како лулка на мултиетничката средина, каде што учениците преку соживот и меѓуетничка толеранција градат модерно, европско општество. Со повеќе од 20.000 ученици што го завршиле своето образование во овој период, ООУ „Свети Кирил и Методиј“ останува јадро на знаењето и воспитанието за новите генерации граѓани на светот.

Основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ непрекинато ја врши воспитно-образовната дејност на мајчин македонски јазик, во текот на 190 години (од далечната 1836 година до денес). Формирањето на основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ претставува значаен настан во културната историја на македонскиот народ. Неговото основање го означува макотрпното опстојување на македонскиот народ во борбата за зачувување на својата самостојност и за развој на сопствена македонска писменост и култура. Со неговото отворање, започнува една нова епоха, епоха на борба за изразување на творечките вредности на македонскиот народ.
Во 30-тите години на XIX век дошло до отворање на првото училиште во Скопје, кое било ќелијно, во дворот на тогашната новоизградена црква „Света Богородица“. Прв и главен учител бил Павле Хорват, хиландарски монах од дебарскиот манастир. Со отворањето на училиштето, првпат децата на скопјани можеле да учат на својот мајчин македонски јазик. Почнала борбата на Македонија против ширењето на грчките јазик и просвета. Училиштето го добило името на светите солунски браќа на 11 мај 1858 година, кога била одржана првата прослава во нивна чест. Во 1848 година, на покана од градските првенци во Скопје, дошол познатиот преродбеник и просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Тој го отворил првото световно училиште со настава на македонски јазик. Неговото доаѓање означува пресвртница во просветно-културниот и националниот живот на Скопје. Тој ги разделил учениците по одделенија, вовел клупи и современи наставни средства (заемни таблици, песочница, географска карта, глобус и др.) Првата училишна зграда била во употреба сè до 1903 година, кога на истото место била изградена нова, во која ќе се изведувала настава сè до катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

По ослободувањето на Скопје на 13 ноември 1944 година, училиштето продолжило со работа. Четиристотини седумдесет и пет ученици првпат следеле настава на македонски литературен јазик. Следната 1945/1946 година бил основан пионерскиот одред „Христијан Тодоровски-Карпош“, а почнала да работи и училишната кујна. Во учебната 1948/1949 година, кон ОУ „Свети Кирил и Методиј“ се присоединило ОУ „Рајко Жинзифов“. На 24 јули 1962 година, кон ОУ „Свети Кирил и Методиј“ било присоединето и училиштето „Цветан Димов“. Бројот на ученици се зголемил на 1.300, распоредени во 37 паралелки од прво до осмо одделение. На 26 јули 1963 година се случил катастрофалниот земјотрес во Скопје, кој коренито изменил многу работи. Многу жители го напуштиле градот и се населиле во новите градски населби, што резултирало со намалување на бројот на ученици во следната 1964 година, на 541 во споредба со претходната, кога имало 1.300 ученици. На 28 декември 1964 година, на местото на старата зграда урната во земјотресот почнала да работи новата, со 24 училници во кои учеле само ученици од петто до осмо одделение. Во 1970 година, поради целосно менување на урбанистичкиот план за овој дел на градот и изградбата на народната и универзитетска библиотека, била урната и фискултурната сала, со адаптирање на две училници со помошни простории. Во учебната 1973/1974 година, училиштето го сменило своето име во „Кирил и Методиј“, губејќи го зборот „свети“, за повторно да го врати на 19 мај 1993 година. До учебната 1975/1976 година, во ова училиште се школувале вкупно 16.260 ученици. Исто така за истакнување е тоа што во учебната 1979/1980 година, покрај дневен престој, се организирала и целодневна настава за учениците од прво и второ одделение, а за учебната 1989/1990 година таа се организирала за учениците од прво до петто одделение, во две паралелки.
(А. П.) Фото: (П.С.)












