– Отворете го прозорецот. Не само за нови светови туку и за нови идеи, нови перспективи, нови прашања. Не плашете се од книгите што ве предизвикуваат. Токму тие се најпотребни, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на денешното отворање на Саемот на книгата во Скопје, кој ќе се одржува до 29 април, во арената „Борис Трајковски“, во Скопје. Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која го прогласи Саемот на книгата за отворен, пак, порача дека манифестација ја обединува публиката од земјата и од странство и ја поттикнува читачката култура

 

– Народ што чита ја разбира иднината зашто знае дека таа се гради со знаење. Денешниот ден не обврзува да ја сочуваме книгата од заборавот, порача претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, која денес го прогласи  38. издание на Саемот на книгата во Скопје за отворен. Таа истакна дека оваа манифестација останува еден од најзначајните културни настани кој ја обединува публиката од целата земја и од странство, ја поттикнува читачката култура и создава простор за поврзување меѓу авторите, издавачите и читателите.

До 29 април, на Саемот ќе има богата програма со специјални попусти, книжевни панели и интерактивни работилници, а повеќе од 60 издавачки куќи ќе понудат преку 130 нови наслови и автори.

– Тоа не се само бројки, тоа се 130 нови можности да размислуваме поинаку, да чувствуваме подлабоко, да разбереме пошироко. Со присуството на гости од Чешка, Холандија, Исланд, Италија и од САД, овој саем станува вистинска раскрсница на култури. А кога културата се вкрстува, таа се умножува. Како министер за култура и туризам, верувам во една суштинска вистина: народ што чита не може лесно да се манипулира. Народ што размислува, не може лесно да се подели, а народ што создава, не може лесно да исчезне, истакна Љутков.

Тој, исто така, додаде дека во време на брзина, на површност, на информации што доаѓаат и исчезнуваат во секунди, книгата е чин на отпор, бидејќи да седнеш и да читаш значи да одлучиш да мислиш, да одлучиш дека вниманието е вредност.

– Книгите не се украс на времето, тие се негов судија. Секој збор што ќе го сретнете овде има тежина: да помести, да разниша, да ве натера да се соочите со себеси. Затоа, излезете одовде со немир. Со мисла што ќе ве следи подолго од денот. Со прашање што нема веднаш да најде одговор. Со потреба да создадете, да кажете, да промените. Затоа што зборот има моќ само кога не останува на хартија туку станува став, избор, дејство… Mојата порака денес е едноставна, но суштинска: Отворете го прозорецот. Не само за нови светови туку и за нови идеи, нови перспективи, нови прашања. Не плашете се од книгите што ве предизвикуваат. Токму тие се најпотребни, истакна Љутков.

Мотото на овој скопски Саем на книгата 2026 е „Отвори прозорец кон нови светови“. Според Љутков, тоа е повик да се надминат границите на секојдневието, да се напушти удобноста на познатото и да се зачекори во неизвесноста, таму каде што започнува вистинското знаење…

На настанот присуствуваа и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, како и претседателот на Македонската асоцијација на издавачи, Бојан Саздов.

Саемот ќе биде отворен за љубителите на книгата секој ден од 10:00 часот наутро до 20:00 часот навечер.

Се очекува и годинава ЈСП – Скопје да има специјална линија за посетителите на Саемот на книгата, кој, традиционално, е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Фото: П.Стојановски

ИЗДВОЕНИ