понеделник, јуни 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Афера „трибина“ – криминал во врвот на фудбалот

Афера „трибина“ – криминал во врвот на фудбалот

821
Експретседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, осомничен за проневера на пари од УЕФА ПН Поранешниот претседател на ФФМ

 

Муамед Сејдини, е приведен во координирана акција на МВР и на Обвинителството под сомнение за проневера и злоупотреба на службената положба, поврзана со средства од УЕФА наменети за изградба на трибина во Охрид. Истрагата посочува на спорен договор со вметнат аванс од 20 проценти без банкарска гаранција, но отвора и пошироки сомнежи за милионски трошења и финансиски неправилности во Фудбалската федерација во периодот на неговото раководење

Нов силен удар за македонскиот фудбал – поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, е уапсен под сомнение за сериозни финансиски злоупотреби, меѓу кои и проневера на повеќе од 700.000 евра средства доделени од УЕФА. Акцијата ја спровеле полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и од Одделот за криминалистичка полиција, во координација со Основното јавно обвинителство – Скопје.

„Полициски службеници го лишија од слобода М. С. поради сомнение за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба“, соопштија од МВР, додека од Обвинителството потврдуваат дека се работи на предметот и дека истрагата е во тек. Според првичните информации, сомнежите се однесуваат на злоупотреба на средства од УЕФА, наменети за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид – проект кој требало да биде дел од развојот на фудбалската инфраструктура во земјава.

Истрагата, според достапните информации, открива спорен начин на склучување и реализација на договорот.

На 27 ноември 2024 година, Одборот за итност на ФФМ донел одлука да прифати понуда за изградба на трибина во вредност од над 200 милиони денари без ДДВ, при што не бил предвиден аванс. Но, само неколку дена подоцна, на 3 декември, Сејдини потпишал договор во кој бил вметнат услов за авансно плаќање од 20 проценти – услов што не бил дел од првичната одлука. Дополнително, авансот бил исплатен без банкарска гаранција и без соодветно овластување, што отвора сериозни сомнежи за незаконско постапување.

Спорен договор и сомнежи за пошироки злоупотреби

Овој случај е само дел од пошироките сомнежи за финансиско работење во ФФМ во периодот на раководење на Сејдини.

Пред неколку месеци, Дисциплинската комисија на ФФМ, постапувајќи по пријава на Управниот одбор на ФФМ, донесе одлука за изрекување дисциплинска мерка забрана за вршење на функција во траење од две (2) години на Муамед Сејдини, делегат на Собранието на ФФМ, поради сторено дејствие „измама и доведување во заблуда орган на фудбалска организација“.

Истрагата покажа дека Одборот за итност на ФФМ на 27.11.2024 година донел одлука за прифаќање на понуда од ДПТУ ЕНЕРГОИНВЕСТ ТРЕЈД ДОО Скопје, за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, во износ од 202.919.610,00 денари без ДДВ, без услов за авансно плаќање, и го овластил тогашниот претседател, Муамед Сејдини, да потпише договор согласно со прифатената понуда.

Истата одлука е подоцна потврдена и од Управниот одбор на ФФМ, а на 03.12.2024 година, Муамед Сејдини, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20 %, кој не бил дел од прифатената понуда, при што авансот бил исплатен без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување. За време на последното Редовно генерално собрание, претседателот Масар Омерагиќ, меѓу другото, откри дека ФФМ во финишот од мандатот на Сејдини потрошиле огромна сума пари. – Во период од само еден месец, од ноември до декември 2024 година, еден месец пред да ја преземеме функцијата, потрошени се околу 5 милиони евра од средствата наменети за развој на фудбалот. Пет милиони евра. За еден месец. Ние затекнавме таква состојба и не побаравме алиби. Почнавме да воведуваме ред. Само трошоците за хотелски, чартер летови и авионски карти ги намаливме за повеќе од еден милион евра. Секој денар гледаме каде оди. Затоа што овие средства не се ничии приватни, тие се на фудбалот, изјави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Која е врската со тепачката пред „Балканика’?

Само за потсетување, во септември 2024 година, тогашниот претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, беше физички нападнат од неколку маскирани лица при излегување од ресторанот „Балканика“ во Скопје, каде што бил на состанок со свои соработници од ФФМ. Демократската унија за интеграција веднаш изрази најдлабока осуда и загриженост за физичкиот напад врз претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, и побара итна реакција од МВР. Во 2021 година, незадоволство од работата и начинот на кој функционира ФФМ, кога на чело беше Сејдини, изрази Горан Пандев, кој моментално е директор на репрезентацијата, односно функционер во актуелното раководство на ФФМ.

– Она што треба најитно да се направи за македонскиот фудбал е да се тргнат луѓето од Федерацијата на чело со Сејдини и да дојдат луѓе кои знаат и имаат идеја. Пример нека им биде Ракометната федерација. Видете, не е фудбалот само ние да фрламе пари, а Сејдини и некои негови другари да кажуваат вака треба, така треба, а да нема никаков напредок во мак-фудбалот“, порача тогаш Пандев во телевизиско интервју.

Од Обвинителството најавуваат дека се во тек дополнителни истражни дејства и дека повеќе информации за случајот ќе бидат објавени по нивното завршување. Апсењето на Сејдини отвора сериозни прашања за начинот на кој се управувало со средствата во македонскиот фудбал и дали е ова само почеток на поширока истрага за финансиски злоупотреби во ФФМ. (П. А. – М. С)

ИЗДВОЕНИ