понеделник, јуни 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Груби „затворен“ во Чаир без барање за излез до Судот, истрагата и...

Груби „затворен“ во Чаир без барање за излез до Судот, истрагата и натаму во тајност

1092

Поранешниот вицепремиер, Артан Груби, и во буквална смисла не излегува од дома. На прашање на весникот ВЕЧЕР дали осомничениот побарал да излезе од семејниот стан во скопски Чаир, од Основниот суд ни одговорија дека тој досега немал барања да се оддалечи од домот. Според Законот за кривична постапка, осомничениот може да излезе од станот поради лекување или поради околности кои може да бидат штетни по животот, здравјето или по имотот – неговиот или на семејството.

На предлог на јавниот обвинител, а со решение од Кривичниот суд, Груби ќе остане во домашен притвор уште 30 дена. Обвинетиот за злоупотребите во Државната лотарија ќе го чува полиција, така бараа АНБ и МВР, со објаснување дека била загрозена неговата безбедност и безбедноста на неговото семејство. Истрагата се одолговлечи, а тоа остава простор во јавноста за шпекулации и прашања – дали осомничениот ќе се спогоди, дали ќе се запре истрагата… И на последното прашање од нашата редакција, од ОЈО Скопје велат дека не се откриваат детали од истрагата. Неофицијално, Груби не дал исказ пред обвинителот, а одбраната досега требаше да направи увид во доказите.

Ако се земе предвид пропишаната казна за делото за кое се товари, притворот не може да биде подолг од 180 дена и со истекот на тој рок, доколку нема одлука по истрагата, притворениот ќе се пушти на слобода. Веќе тече третиот месец од куќниот притвор на Груби и доколку има предлог за нов, по него ќе одлучува Апелациониот суд.

Куќниот притвор на поранешниот висок функционер на ДУИ предизвика лавина  од реакции во јавноста, министерот за правда реагираше дека не може за обичен граѓанин притворот да биде одреден по автоматизам, а за поранешни високи функционери да биде исклучок.

„Не може безбедносни ’индиции’ да станат поважни од принципот на еднаквост пред законите. Ако постои закана – државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамки на притворскиот систем. Ако обичен граѓанин може да остане во притвор за далеку помал износ и без претходно бегство, тогаш истите стандарди мора да важат за сите“, изјави Филков и јавно ги повика обвинителот и судијата на претходна постапка да ги објаснат одлуките пред граѓаните. Уште повеќе што, директорот на затворот Шутка, тврдеше дека таму нема опасност по безбедноста на осомничениот.

Во решението за домашен притвор на судот стои дека осомничениот е под деноноќен надзор од полицијата и дека му е одземен пасошот. Во одлуката објавена на интернет-страницата на судот, не стои дека му е забранет телефон, компјутер и комуникација со други, и покрај тоа што законот предвидува и таква можност.

Поранешниот вицепремиер и министер, по повеќе од 14 месеци бегство, се врати на 23 февруари и сам се предаде на граничниот премин Блаце. Груби е осомничен заедно со ексдиректорот на Лотарија, Перпарим Бајрами, кој, пак и натаму е во бегство и за него има активна потерница од Интерпол. ОЈО Скопје ги сомничи за злоупотреби со набавка на ВЛТ-апарати, при што е проценето дека државата била оштетена за повеќе од 8 милиони евра. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ