Отстрането е големо количество од десет тони токсичен хемиски отпад кој цела деценија бил чуван во несоодветни услови во рамките на Институтот за јавно здравје во непосредна близина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Станува збор за исцедоци од лабораториски анализи, хемикалии од различен вид и во различна агрегатна состојба, а кој можел да предизвика хаварија и претставувал голем ризик за здравјето на луѓето и безбедноста.
Директорката на Институтот, Марија Андоновска, денеска изјави дека отпадот е моментно безбедно отстранет и нема да остане во државата, туку ќе биде согорен надвор. Според неа, отпадот бил многу лесно испарлив и запалив, поради што и претставувал голема потенцијална опасност.
– Немавме упатство за управување со отпадот, но веднаш ги алармиравме институциите. За среќа, избегнавме хаварија и го отстранивме. Очекувам одговорност – истакна Андоновска.
Според технологот Трајче Србиновски, кој бил дел од тимот ангажиран за отстранување на отпадот, во државата има многу вакви жаришта и опасноста од нив е многу голема.
– Неколку јавни институции нè повикаа да направиме увид, да се детектираат критичните точки. Чистењето зависи од обемот на хемикалиите, од начинот како се складирани, а цената е можеби висока зашто активна депонија немаме – објасни Србиновски.
Засега не се знае каде отпадот од ИЈЗ ќе биде извезен и согорен.












