четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Силен говор на претседателката по трагедијата на Ивана и Катја, 8 Март...

Силен говор на претседателката по трагедијата на Ивана и Катја, 8 Март во сенка на семејното насилство: „Зошто владеењето на правото се претвора во владеење на насилни мажи?“

„Зошто институциите честопати не реагираат на предупредувачките сигнали и зошто, наместо да се санкционираат оние што не ги применуваат законите, постојано се менуваат законските решенија? Зарем сè уште не формиравме природен, нераскинлив сојуз на социјалните работници, полициските службеници, инспекторите за семејно насилство, наставниците, лекарите, новинарите, невладините организации, бесплатните правни застапници и судиите? Прашувам: Дали и колку вреди женскиот живот? Зарем Катја не беше дел од нашата иднина и зарем Ивана немаше право на среќа?, кажа претседателката во говорот пред пратениците по повод Денот на жената

549

Со остри критики кон институциите и со силни пораки за алармантниот пораст на семејното насилство, особено по трагедијата на Ивана и нејзината ќерка, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од собраниската говорница, предупреди дека Македонија се соочува со сериозен системски проблем, во кој најосновното човеково право – правото на живот – е загрозено. Говорејќи на пленарната седница во Собрание посветена на правата и на можностите на жените по повод Меѓународен ден на жената, таа посочи дека зад статистиката за семејно насилство стојат трагични човечки приказни и институционални пропусти.

„Шокира фактот дека во 2025 година имало 4.745 пријави за семејно насилство и шест убиства, а само во првите два месеца од 2026 веќе имаме четири случаи на фемицид. Ова не е само статистика – ова е пораз на институционалната превенција и навремената реакција“, порача претседателката.

Таа нагласи дека е трагично што секоја година, на 8 Март, општеството повторно се соочува со истите проблеми и исти брутални бројки, празникот ја губи својата симболика кога се случуваат трагедии како смртта на Ивана и Катја. Сиљановска-Давкова директно го постави и прашањето за одговорноста на системот – зошто институциите често не реагираат на предупредувачките сигнали и зошто, наместо да се санкционираат оние што не ги применуваат законите, постојано се менуваат законските решенија?

„Зарем сè уште не формиравме природен, нераскинлив сојуз на социјалните работници, полициските службеници, инспекторите за семејно насилство, наставниците, лекарите, новинарите, невладините организации, бесплатните правни застапници и судиите? Прашувам: Дали и колку вреди женскиот живот? Зарем Катја не беше дел од нашата иднина и зарем Ивана немаше право на среќа?, рече претседателката.

Клучниот момент во борбата против насилството, нагласи Сиљановска-Давкова, е моментот кога жртвата ќе се охрабри да пријави.

„Ако жената наиде на човек кој ќе ѝ даде разбирање и сигурност, таа ќе се избори за себе. Но ако биде пречекана од профил за кој навредувањето и тепањето се нормални, таа ќе се повлече и ќе продолжи да трпи“, рече таа, додавајќи дека обучените и сензибилизирани полицајци, социјални работници и судии можат да бидат „активни спасители или пасивни соучесници“.

Претседателката нагласи дека фемицидот не е ненадеен изблик на гнев, туку завршница на долг процес на психолошко насилство, манипулација и страв.

„До кога ќе ламентираме постфестум, наместо навреме да спречуваме? Што стана со уставната обврска за посебна грижа и заштита на семејството?“ праша таа, алудирајќи на институционалните пропусти. Таа предупреди и дека не е доволно фемицидот да биде предвиден како кривично дело ако во практиката доаѓа до преквалификација на делата и до изрекување условни казни.

„Ако надлежните не постапуваат по службена должност, иако измените на Кривичниот законик го овозможуваат тоа, ако се преферира условната казна, наместо највисоката, зошто владеењето на правото се трансформира во владеење на насилните мажи?“ праша претседателката, повикувајќи се на вистинска примена на обврските од Истанбулска конвенција. Во својот говор, таа нагласи дека насилството врз жените е тесно поврзано со структурната нееднаквост и дека државата има обврска да воспостави функционален систем за превенција, заштита и санкционирање.

„Ова е систем што убива“ – рече пратеничката Јована Мојсоска за институционалните пропусти со семејното насилство

Со силни критики кон институциите и со директни обвинувања за нефункционален систем кој, како што рече, „чини човечки животи“, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, имаше остро излагање во продолжение на седницата во Собранието. Мојсоска предупреди дека зад празничните честитки за 8 Март стои сурова реалност во која институциите со години не успеваат да ги заштитат жртвите на семејно насилство.

„Кога сторителите на семејно насилство имаат богата историја на кривични пријави и само условни пресуди, кога на МВР им требаат 45 дена да го известат Центарот за социјална работа, кога во центрите нема проценка на ризик, а Обвинителството со месеци не постапува – тогаш тоа веќе не е пропуст, туку свесно изграден погрешен систем кој чини човечки животи. Сѐ додека се штитат оние што биле должни да постапат, а не постапиле, сѐ додека персоналната одговорност се крие зад бирократско префрлање вина, и сѐ додека институциите се третираат како биро за вработување на партиски кадри наместо на професионалци – ова ќе остане систем кој убива“, изјави Мојсоска од говорницата.

Премиерот ги повикува жртвите да пријавуваат, опозицијата бара оставка од Тошковски поради непостапување на МВР

Опозицискиот СДСМ секојдневно бара оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за трагедијата во скопската населба Карпош, во која загинаа мајката и детето. МВР било алармирано, постоеле пријави, имало сознанија и индиции за сериозен ризик, но со несоодветна и ненавремена реакција не ги заштитиле жртвите, обвинија на прес-конференција од партијата.

„А со измените на Кривичниот законик, насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност – дури и кога пријавата е повлечена. Не само кога има телесни повреди, туку и кога со насилството се нарушуваат здравјето и безбедноста на жртвата. Значи полицијата морала да постапи. Да дејствувале, да бил приведен, до трагедијата можела да биде избегната“, велат од СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски ги повика жртвите на семејно насилство да пријавуваат и да не се откажуваат.

„Навистина е трагедија. Жалам што тоа се случувало во минатото, што се случува и претпоставувам дека ќе имаме вакви настани и во иднина. Но, тој број треба да го намалиме. Ние како држава и како Влада целосно ќе застанеме во функција на жртвите на ваков тип девијантно однесување. Ги молам, сите оние жртви на девијантно однесување да не се повлекуваат кога ќе пријават, изјави премиерот.

На новинарско прашање за барањето од СДСМ за оставка на министерот Тошковски поради трагедијата во Карпош, премиерот рече дека опозицијата бара оставки секој ден од секого. Ги нарече мекотели и безидејни.

„ Јас мислам дека СДСМ е најголемата опасност врз македонскиот идентитет и врз македонската држава и ги замолувам граѓаните со резерва да ги прифаќаат сите оние лажни конструкции и соопштенија кои доаѓаат од Бихачка бидејќи тие имаат само една цел, а тоа е да го разнебитат македонското ткиво и да зададат удар врз македонскиот идентитет, рече Мицкоски. (П. А.)

 

Продолжен притворот за Стојанче Јовановски

Кривичниот суд, на барање на ОЈО Скопје, му го продолжи притворот на осомничениот Стојанче Јовановски, сопругот на Ивана, која заедно со нејзината шестгодишна ќерка починаа по пад од зграда во скопски Карпош. Јовановски се товари за наведување на самоубиство, загрозување на сигурноста и нанесување телесна повреда. Од Обвинителството велат дека во тек е вештачење на мобилни телефони и се обезбедуваат и се анализираат видеозаписи од повеќе локации каде што се движеле сопружниците. Се обезбедува и целокупната документација за претходни поплаки и пријави за семејно насилство. МВР сè уште спроведува внатрешна контрола за постапувањето на полицијата која само неколку часа пред да се случи трагичниот настан добила пријава за расправија меѓу двајцата, но се повлекла откако Ивана изјавила дека станува збор за недоразбирање. МТСП веќе утврдиле пропусти во социјалните служби кои работеле со случајот на Ивана и најавија мерки.

„Неправилностите што се констатирани се однесуваат на пропуст во делот на остварување непосреден контакт со жртвата, односно вршење непосреден увид во домаќинството, иако стручните работници контактирале телефонски и административно со жртвата, со закажана средба помеѓу жртвата и стручниот работник од центарот“, изјави министерот Фатмир Лимани во допис до медиумите.

 

 

ИЗДВОЕНИ