Во селото Таринци, Општина Карбинци, во саботата беше осветен новоизградениот 20-метарски крст. На настанот присуствуваа голем број жители, претставници на локалната самоуправа и митрополитот на Брегалничката епархија, господин Иларион, и свештеници.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, изјави дека крстот ќе биде симбол на верата и духовноста за жителите на Таринци и на целата општина. Изградбата е реализирана со донации од семејствата Јовчески, Колеви и Димитрови, како и со поддршка од повеќе локални компании и граѓани.
– Чест и задоволство ми е што денес, заеднички со населението од селото Таринци, го осветуваме овој прекрасен верски објект, овој 20-метарски крст, кој ќе свети, ќе биде светилиште над селото Таринци, во Општина Карбинци – истакна Паунов.
Марјан Јовчевски, еден од донаторите, додаде дека крстот е подарок за граѓаните на Општина Карбинци и симбол на верата и благодарноста.
– Ова е дар за граѓаните на Општина Карбинци, ова е еден голем знак на верата и благодарност на верата. Воедно, моето семејство има потекло од ова село, мајка ми е одовде. Мене ми е голема чест и задоволство што подарувам ваков верски објект со семејствата Колеви и Димитрови – рече Јовчевски.
Тој додаде дека во донацијата учествувале и други фирми и локалното население.












