Од утре на сите наплатни станици во државата стапуваат на сила новите правила за користење на лентите за електронска наплата, со кои лентите означени со „M-Tаг“ ќе бидат резервирани исклучиво за возилата што користат електронски тагови.
Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) потсетуваат дека со оперативните измени во системот за наплата се укинува можноста корисниците на M-Кард да плаќаат на M-Tаг лентите. Наместо тоа, тие ќе треба да ги користат другите ленти на наплатните станици, согласно со нивната намена.
Мерката доаѓа во пресрет на летната сезона, кога традиционално се зголемува фреквенцијата на возила на автопатиштата и се создаваат подолги колони пред наплатните рампи. Од претпријатието очекуваат новиот режим да овозможи побрз проток на возилата што користат електронска наплата и да придонесе за намалување на застојот во сообраќајот.
ЈПДП апелира до возачите внимателно да ја следат вертикалната и хоризонталната сигнализација, како и информативните електронски табли поставени пред и на самите наплатни станици. Лентите се јасно категоризирани според начинот на плаќање: електронска наплата преку M-Tаг или M-Кард и готовинско плаќање.
Дополнително, се повикуваат корисниците да ја почитуваат светлосната сигнализација на рампите. Зелената стрелка означува активна и отворена лента, додека црвениот знак „Х“ сигнализира дека лентата е затворена за сообраќај.
Електронскиот систем за наплата на патарините постепено се проширува во последните години, како дел од напорите за дигитализација на услугите и намалување на времето на чекање на наплатните станици. M-Tаг уредите овозможуваат автоматско плаќање без запирање на возилото, додека M-Кард функционира како претплатена картичка што се користи на лентите предвидени за електронска наплата.
Во изминатиот период, дел од возачите со M-Кард ги користеа и лентите наменети за M-Tаг, што често предизвикуваше забавување на протокот на возила, особено во деновите со засилен сообраќај. Токму поради тоа, од ЈПДП оценуваат дека раздвојувањето на двата начини на плаќање ќе придонесе за поголема ефикасност и за подобра организација на сообраќајот на патарините.
(С. Бл.)












