Поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад и Атеф Наџиб, поранешниот шеф на политичката безбедност во јужната сириска покраина Дара, се осудени на смрт откако беа прогласени за виновни за злосторства извршени за време на граѓанската војна во земјата.
Кривичниот суд во Дамаск во вторник го прогласи Асад за виновен за убиство со умисла, додека Наџиб беше осуден за убиство со умисла и тортура, пренесе „Би-би-си“.
Судот утврди дека злосторствата извршени од режимот на Асад во покраината Дара во 2011 година претставуваат злосторства против човештвото.
Во истиот случај, братучедот на Асад по мајчина линија, Атеф Наџиб, исто така беше осуден на смрт за неговата улога во репресијата во јужната покраина Дара, што доведе до востание, а подоцна и до сириската граѓанска војна.
Во услови на силно обезбедување, Наџиб стоеше во кафез во судницата облечен во затворска униформа додека судијата ја читаше пресудата.
Башар ал-Асад и неговиот брат Махер избегаа во Русија откако бунтовничките сили влегоа во Дамаск во декември 2024 година.
Наџиб подоцна беше уапсен и стана еден од највисоко рангираните поранешни функционери на режимот што беа изведени на суд.
Тој е поранешен бригаден генерал во сириската армија, а во 2011 година, за време на владеењето на Асад, ја предводеше гранката за политичка безбедност во јужната покраина Дара.
Пресудата против Асад е првата што ја изрекуваат преодните власти, кои оваа година почнаа да им судат на поранешни функционери на режимот, и на оние што се изведени на суд лично и на оние што им се судеше во отсуство.












