вторник, ноември 10, 2026
Дома МАГАЗИН Италија нуди 50 домови без кирија во текот на 10 години: Кој...

Италија нуди 50 домови без кирија во текот на 10 години: Кој може да аплицира и какви услови треба да исполнат идните станари?

0

Еден италијански регион започна програма со која нуди бесплатно сместување во траење од десет години, при што трошоците за реновирање на имотите ги покриваат регионалните власти, но сепак, заинтересираните поединци мора да исполнат одредени услови.

Италијанскиот регион Калабрија ја лансираше програмата „Ripopola Calabria“ (Повторно населување на Калабрија), која им нуди на заинтересираните граѓани користење на 50 куќи и станови бесплатно, во период од десет години. Покрај тоа што нема да плаќаат кирија, идните станари нема да имаат трошоци ниту за реновирање на имотите, бидејќи тие ќе бидат финансирани од регионалните власти.

Програмата ја претстави претседателот на Калабрија, Роберто Окиуто, кој ги повика сите што сакаат да го променат својот начин на живот и да се преселат во некое италијанско село, да ја разгледаат оваа можност, пренесува италијанскиот медиум Libertatea.

„Дојдете да живеете во Калабрија, бидејќи животот таму е убав и достапен“, изјави Окиуто во видео објавено на социјалните мрежи.

Во првата фаза од проектот, на располагање ќе бидат ставени 50 станбени единици лоцирани во 26 населени места – распоредени низ сите пет провинции на Калабрија. Станува збор главно за имоти во јавна сопственост кои со години стоеле неискористени и им е потребно реновирање за повторно да станат погодни за живеење.

Регионалните власти ќе ги обезбедат средствата за овие реновирања, по што имотите ќе им бидат доделени на избраните учесници во програмата. За реновирање се обезбедени средства во износ до 2.000 евра по квадратен метар, при што максималната вредност на инвестицијата за еден имот може да достигне и до 280.000 евра.

Кој може да добие куќа без плаќање кирија?

Програмата е наменета за поединци кои моментално живеат надвор од Калабрија и сакаат трајно да се преселат во овој италијански регион. Имотите нема да станат сопственост на корисниците; наместо тоа, тие им се ставаат на располагање за бесплатно користење во период од десет години. Во текот на овој период, тие нема да имаат обврска да плаќаат никаква кирија. Посебно внимание ќе им се посвети на Италијанците со корени од Калабрија кои сакаат да се вратат во својот роден крај, како и на млади парови, семејства со деца, професионалци од различни области и лица кои работат од далечина.

Заинтересираните лица мора да поднесат пријава преку официјалниот портал: ripopola.regione.calabria.it.

Сепак, поднесувањето пријава не гарантира автоматски добивање на имот. Надлежните органи ќе изготват јавна ранг-листа врз основа на тоа во која мера кандидатите ги исполнуваат условите и критериумите утврдени со правилата на програмата.

Каде се наоѓаат куќите што се нудат без кирија?

Имотите се распоредени низ неколку италијански провинции. Локациите вклучени во програмата ги опфаќаат Сан Флоро и Амато во провинцијата Катанцаро, како и Алесандрија дел Карето, Шиљано и Ровито во провинцијата Козенца. Во провинцијата Вибо Валентија учествува гратчето Чесанити, кое нуди две станбени единици, додека во провинцијата Реџо Калабрија се вклучени Гротерија и Санто Стефано ин Аспромонте.

На листата се наоѓа и Какури, место во провинцијата Кротоне.

Имотите вклучени во програмата се разликуваат по големина и распоред, нудејќи простори погодни за семејства со деца, парови, како и за поединци.

Зад оваа програма стои сериозен демографски предизвик со кој се соочуваат многу помали градови и населби низ Италија. Селата во Калабрија со години губат население, а последиците од овој егзодус се чувствуваат преку затворањето на продавници, намалувањето на бројот на ученици и слабеењето на основните јавни услуги.

Како резултат на тоа, регионалните власти се обидуваат да привлечат нови жители нудејќи конкретни финансиски стимулации.

Целта на проектот „Рипопола Калабрија“ (Ripopola Calabria) не е само обнова на напуштените куќи, туку и ревитализација на локалните заедници преку привлекување млади семејства, професионалци и експерти кои би можеле да придонесат за економскиот и социјалниот развој на овие области.

ИЗДВОЕНИ