понеделник, јули 20, 2026
Дома СВЕТ Орбан си замина, кој ќе го наследи како главен кочничар во ЕУ?

Орбан си замина, кој ќе го наследи како главен кочничар во ЕУ?

Неговото заминување доаѓа во чувствителен момент за Брисел, кој сè уште во голема мера се потпира на едногласноста за донесување важни одлуки, како што се санкциите и буџетите. Но, во Европскиот совет сè уште има лидери склони кон блокади или барем тешки за преговори, а некои може да се обидат да ја преземат улогата на Орбан

73
EPA/RICCARDO ANTIMIANI
„Политико“ направи список на луѓе со потенцијал за блокади

По изборниот пораз на Виктор Орбан, Европската Унија останува без својот најпознат „кочничар“, политичар што со години го користеше правото на вето за да блокира клучни одлуки, особено кога станува збор за помошта на Украина, пишува „Политико“.

Неговото заминување доаѓа во чувствителен момент за Брисел, кој сè уште во голема мера се потпира на едногласноста за донесување важни одлуки, како што се санкциите и буџетите. Токму затоа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, веќе ја најави можноста за промена на правилата за гласање со цел да се избегнат идни блокади.

Орбан наскоро треба да биде заменет од Петер Маѓар, политичар од десниот центар што најавува соработка со Брисел, што кај некои европски дипломати буди надеж дека донесувањето одлуки би можело да стане поедноставно. Но, заминувањето на Орбан не значи крај на проблемот. Во Европскиот совет сè уште има лидери склони кон блокади или барем тешки за преговори, а некои може да се обидат да ја преземат улогата на Орбан. „Политико“ направи список со потенцијалните „наследници на Орбан“.

Роберт Фицо, најблискиот сојузник на Орбан – Со години, словачкиот премиер му беше клучен партнер на Орбан во блокадите, особено кога станува збор за санкциите против Русија и помошта за Украина. Тој веќе објави дека би можел да блокира нов пакет помош за Киев во вредност од 90 милијарди евра ако се откаже Унгарија од ветото. Сепак, во минатото, Фицо честопати попушташе и поддржуваше заеднички одлуки на ЕУ, па затоа останува нејасно дали сега навистина ќе ја преземе улогата на главна „кочница“.

Андреј Бабиш, популист и милијардер – Чешкиот премиер, честопати споредуван со Доналд Трамп, веќе покажува преференции за политиките на Орбан. Тој се спротивстави на дел од помошта за Украина и ги критикуваше климатските политики на ЕУ, тврдејќи дека тие ѝ штетат на индустријата. Сепак, не се очекува тој да ги блокира сите одлуки, туку да го отежне постигнувањето консензус за одредени теми.

Џорџа Мелони, идеолошки блиска со Орбан – Италијанската премиерка води внимателно балансирана политика помеѓу националните интереси и соработката со ЕУ. За разлика од Орбан, таа ретко се вклучува во отворени блокади, но во одредени ситуации има покажано разбирање за неговите ставови. Мелони е претежно прагматична, дипломатите предупредуваат дека, и покрај прагматичниот пристап, постои идеолошка блискост до Орбан што би можела да дојде до израз во одредени околности.

Јанез Јанша, на прагот за враќање на власт – Поранешниот словенечки премиер би можел да се врати на власт по тесните избори. Познат по својата популистичка реторика и судирите со медиумите, тој често застануваше на страната на Орбан за политички прашања. Сепак, за разлика од него, Јанша силно ги поддржува Украина и нејзиниот пат кон ЕУ, што ја прави помалку предвидлив фактор.

Румен Радев, непредвидлив фактор – Поранешниот бугарски претседател, кој се враќа во политиката со нова партија, би можел да постигне значаен резултат. Неговите ставови за Украина и за Русија предизвикуваат загриженост во Брисел, тој тврди дека Украина е во неповолна положба во војната и се спротивставува на понатамошните испораки на оружје. Поради ваквите изјави, тој веќе влезе во отворени конфликти со украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Иако со заминувањето на Орбан е отстранет еден од најгласните противници на заедничките европски политики, јасно е дека не исчезнал потенцијалот за блокади. Наместо еден доминантен актер, Брисел сега би можел да се соочи со повеќе лидери што повремено ќе ја играат таа улога, што може да го направи донесувањето одлуки побавно, но и понепредвидливо, заклучува „Политико“.

ИЗДВОЕНИ