Дали ќе ја избереме хармонијата или конфликтот во нашата брачна врска, очигледно зависи само од нас двајцата или, како што вели психотерапевтката од претставата „Чудесна терапија“ – од обајцата. Ова театарско дело во режија на Димче Николовски, работено според текстот на австрискиот автор Даниел Глатауер, очигледно не ја губи својата актуелност, со оглед на тоа дека и по повеќе од пет години од премиерата во Драмски театар – Скопје и голем број изведби, продолжува да ја полни салата до последното место. Реакциите се бурни, а аплаузите долги.
Маја Вељковиќ-Пановска и Предраг Павловски уверливо го носат товарот на брачната тензија, претставувајќи ни го брачниот пар на кој му е потребна терапија за да ја преброди кризата. Соња Стамболџиоска, пак, внесува динамика како психотeрапевтка, која треба да биде двигател на промените во една врска која е ставена на тест. Заедно, успешно ја носат клучната порака: меѓу конфликтот и хармонијата, спасот е во комуникацијата.
Или, како што вели драматургот на претставата, Александра Бошковска: „Животот е генератор на пречки кои ја носат врската во неочекувани насоки и проблеми. Начинот на кој се справуваме со нив, може да ја зацврсти, а може и целосно да ја уништи. Во ваквите моменти, комуникацијата е единственото ненасилно и ефикасно оружје што го поседуваме“.
Оваа драма со комични елементи, преку хумор и искреност, покажува како зборот лечи, а тишината повредува. И буквално сме вовлечени во приказната на еден брачен пар кој, очигледно, не може да се справи со сите проблеми што му се наталожиле во текот на заедничкиот живот, поради што се оддалечиле еден од друг толку многу што веќе не можат да разговараат без да влезат во конфликт и меѓусебни обвинувања на кои им нема крај. Разговорот секогаш прераснува во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, раѓа нов, поголем проблем. Затоа е тука психијатарката со својата „чудесна“ терапија, која иако на моменти изгледа осудена на неуспех – по една неочекувана итроштина, сепак, носи резултат.
Но, приказната, всушност, не завршува тука. Прашањето е дали и тие што „го знаат клучот“ за брачните проблеми, и самите знаат успешно да го решат својот проблем? Дали е навистина доволно само да се каже дека комуникацијата е клучот за секоја врска, или е потребно и нешто повеќе?
Во секој случај, ова е приказна во која секој брачен или љубовен пар може да ја препознае сопствената вистина. Притоа се нуди одговор на прашањето зошто е важно да разговараме, но и како да разговараме за да си помогнеме навистина, бидејќи чистата и искрена комуникација треба да е еден од клучните предуслови за среќна и исполнета врска.
Пораките што ги носи претставата се доволно силни за да ви го привлечат и за да ви го задржат вниманието и секако, за да ве поттикнат на размислување. (Д.Т.)












