– Авторот, проф. д-р Гоце Цветановски, со помош на издржана методологија и научни аргументи го претставува историскиот развој на македонскиот јазик преку научно аргументирана анализа на потеклото на македонските зборови во словенски и во индоевропски контекст. Особено важно и впечатливо е толкувањето на македонските зборови што првпат и единствено тука можеме да ги најдеме. Преку Речникот се отсликуваат националната и културолошката дефинираност на македонскиот народ – кажа директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, на денешната промоција на капиталното дело „Македонски етимолошки речник“

 

– Етимолошкиот речник не е само збир на зборови и нивните значења туку и сложено научно дело што ги следи историскиот развој на јазикот, неговите слоеви, влијанијата и културните врски. Преку него, зборовите го откриваат своето потекло, но и патот што го минувале низ времето, како дел од широкиот јазичен и културен идентитет – кажа проректорката на УКИМ, проф. д-р Соња Топузовска, во своето обраќање на промоцијата на првиот том на капиталното дело „Македонски етимолошки речник“ (А – Ж) од проф. д-р Гоце Цветановски, што се одржа денес, во свечената сала на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Таа додаде дека ова дело не е само лексикографски збир туку и длабок приказ на идентитетскиот код на јазикот.

Изданието, кое доаѓа од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, претставува историски исчекор за македонската лингвистика, пополнувајќи ја повеќедецениската празнина во словенската етимолошка наука.

Директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, пак, нагласи дека со овој труд македонскиот народ официјално се вбројува во семејството словенски народи што поседуваат сопствен етимолошки речник.

– Авторот, проф. д-р Гоце Цветановски, со помош на издржана методологија и научни аргументи го претставува историскиот развој на македонскиот јазик преку научно аргументирана анализа на потеклото на македонските зборови во словенски и во индоевропски контекст. Особено важно и впечатливо е толкувањето на македонските зборови што првпат и единствено тука можеме да ги најдеме. Преку Речникот се отсликуваат националната и културолошката дефинираност на македонскиот народ – рече таа.

Таа посочи дека делото е круна на долгогодишна и макотрпна научна работа, поддржана од Министерството за образование и наука.

Според промоторите, овој Речник е непобитен доказ за посебноста на македонскиот јазик и за неговиот углед во светската славистика. Проектот, кој беше поддржан од актуелното раководство на УКИМ и од ректорката, проф. д-р Билјана Ангелова, според нив, отвора нови перспективи за младите истражувачи и за натамошен развој на македонската етимолошка мисла.

Покрај авторот, на денешниот настан присуствуваше и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, како и многубројни претставници на академската заедница, а Речникот беше официјално промовиран од дописниот член на МАНУ, Веселинка Лаброска.

 

 

ИЗДВОЕНИ