
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес објави дека ја повикал претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен да „го спроведе Договорот за придружување (асоцијација) меѓу ЕУ и Украина, кој ја обврзува Украина да дозволи испораки на нафта во Унгарија“ и да го обнови нафтоводот „Дружба“.
Во писмо до претседателката на ЕК, кое го објави на платформата „Икс“, Орбан изјави дека „нема техничка или оперативна причина што би го спречила“ нафтоводот Дружба, кој Украина, како што изјави, го блокира, „веднаш да се врати во нормална работа“.
Тој напиша дека Унгарија „нема да попушти на уцените“ од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Недостатокот на подготвеност на Украина за повторно отворање на нафтоводот Дружба е резултат на чисто политички причини, со намера да се меша во тековната изборна кампања во Унгарија“, изјави Орбан.
Тој напиша дека Унгарија и Словачка предложиле „мисија за утврдување факти со учество на експерти (од Унгарија и Словачка) за да се процени статусот на гасоводот во Украина“, но дека „сите наши напори биле одбиени“.
„Иако постапките на Украина ги кршат нејзините законски обврски кон Европската Унија, немаме причина да веруваме дека правните лекови според меѓународното и правото на ЕУ би дале опипливи резултати во обновувањето на нашето снабдување со енергија на краток рок“, се додава во објавата.
Орбан ја повика ЕК да ја поддржи Унгарија во „неутрализирањето на енергетското оружје што го користи Украина“.
„Очекувам Европската комисија да го зголеми политичкиот притисок врз Украина за да не ја поткопа енергетската безбедност на Унгарија и Словачка. Исто така, очекувам Европската комисија да ги спроведе релевантните одредби од Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Украина“, се вели во објавата.
Орбан додаде дека „не можеме да прифатиме странско мешање во нашите демократски процеси и ќе ги отфрлиме сите такви обиди“.
„Во тој дух, би сакал да ве известам дека, сè додека Украина не се врати во нормала, не сум во позиција да поддржам никаква одлука во Европската Унија што е во корист на Украина“, се заклучува во објавата.











